Марко КИТЕВСКИ
(Од „Македонски црковно-народен календар)

Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките, вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поседуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Таму, во групи, девојки, млади невести или поста¬ри жени, ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни, како што се пее во една песна од зборникот на Васил Икономов:

Кинисале ми, кинисале ми, двесте девојки,
Двесте девојки, двесте девојки, триста невести,
Да ми одат, да ми одат на билје брање.
Двесте девојки, двесте девојки, билје копаје,
Триста невести, триста невести, цвеќе береје,
Цвеќе береје, цвеќе береје, венци виеје,
Венци виеје, венци виеје, на мошки деца.

Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите, леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската, според народното верување, е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.

И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните, на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурек – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката.

Во нашите истражувања во Дебарца (Охридско) ни беше речено дека тоа лекување со коренот од кукурекот се вика спрежување. Имено, кога ќе се разболи некое говедо, му се засекува кожата на градите и во засекот му се става од коренот на кукурекот со верување дека тоа ќе помогне болеста да биде победена. Најчесто вака се лекувала болеста кај коњите наречена бутур.

И вечерта спроти празникот и утрото на самиот ден кога се берат билките се пеат песни познати како билјарски песни во кои се опева ток¬му тој чин, берењето на билките, запотнувањето, крмењето на стоката и др.

Ајде на билје бела Билјано,
Билје да бериш, стадо да крмиш,

Спреж се викала билката кукурек (Helleborus odorus) која се користела во ветеринарната народна медицина – за спрежување на болниот добиток. Кузман Шапкарев пишувајќи за народната медицина истакнува дека болеста бутур кај добитокот особено по магарињата и коњите ја лекуваат со една трева наречена спореж, која ја вовлекуват под кожата на болното животно, под самото грло.

И Веселин Чајкановиќ во истражувањето на народните верувања поврзани со билките забележал дека кога коњот ќе заболи од „мурдалук“ му се дупи кожата на грлото и низ неа се провлекува дел од кукурекот. Најдобро е да се најде кукурек единец со една глава или еден цвет. И овој начин на лекување, пишува Чајкановиќ им бил познат на Римјаните и веројатно од нив е останат до наше време.

Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката. Билките се дробат на ситни делови, им се додава еден полжав што утрото го донесле билјарките, и тој издробен на ситни делови, се додаваат трици и сол и со таа крма се крми стоката со верување дека ќе биде поотпорна на болести во текот на целата наредна година.

И вапцувањето јајца со црвена боја има значајно место во ѓурѓовденските празнувања, исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе“ и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе“, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело“ за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).285

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени, односно сурови дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се ни¬шаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите не¬вести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот ‒ цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Така, друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн.

Самиот чин на нишањето е опеан во повеќе песни како што е оваа:
Од гранка в гранка, ај Ѓурѓе ле,
јунаку в рака.
Викум вукаше фидан Јован, Ѓурѓе ле:
‒ Кротко фрлајте, ај Ѓурѓе ле,
моето моме!
Да не ми падни, ај Ѓурѓе ле,
да се отепа.

Јаже јажливо, ај Ѓурѓе ле,
дрво црвливо
дрво шупливо, ај Ѓурѓе ле,
место камливо.
– Чекај ја чекај, фидан Јован,
у десна рака,
у десна рака, фидан Јован у лева пола.

Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр., на тој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.
Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во преданија и е опеана во некои песни:

Кинисал ми свети Ѓорѓија,
кинисал ми на ден Ѓурѓовден,
кинисал ми на потка да одит,
да запотнит нивје и ливаѓе.
Кога беше сред поле широко,
ги сусрете она суро ламја,
тој е извај него остра сабја,
е пресече она сура ламја.
Потекоа три силни порои,
први порој се бела пченица,
други порој она рујно вино,
трети порој се руди јагниња.

Во Струга, на празникот Ѓурѓовден бил изведуван интересен обичај наречен Ордија. Терминот Ордија се однесувал на обичаите што се изведувале двата дена на 6 мај кога се правеле литии, и следниот ден, кога имало трпеза на љубовта.

Имено на Ѓурѓовден по свечената литургија стружани, заедно со црковнослужителите, ги земале црковните реликвии и минувале низ чаршијата и другите улици и доаѓале на Црн Дрим. Тука се светела водата на реката во која имало ставени разни земјоделски предмети како што се: слама, јажици и др. потоа сите земале од водата и дома прскале низ куќата за дар и бериќет или се миеле за здравје.

Еден период кога црковните активности биле забранети овој обред се изведувал во кругот на црквата. Дури во 2010 година обредот бил обновен со нова содржина. Имено, со благослов на надлежниот митрополит г. Тимотеј, монашкото сестринство од манастирот „Св. Ѓорѓи“ од с. Рајчица (Дебарско) и монашкото братство на манастирот „Св. Јован Бигорски“ под раководство на игуменот Партениј ги носеле светите мошти на Св. Ѓорѓија.

Се верува дека Ѓурѓовден е најпогодно време за изведување на магиски дејствија. Од веќе заборавените магиски активности поврзани со овој повпечатливи биле преземањето на млекото од туѓата стока (овци, крави и сл.), како и симнувањето на Месечината. Се верувало дека пре¬земањето на млекото можело да се направи само спроти Ѓурѓовден. Но тоа не можела да го направи секоја, жена туку само жена што прајасала (престанала да раѓа). Ова магиско дејствие се правело точно на полноќ (глуво доба) и требало да се изврши во најголема тајност, зашто ако некој ја видел жената што тоа го правела магијата не дејствувала. За праваење на оваа маѓија жената се соблекувала сосема гола (како од мајка родена) јавнувала едно кросно и одела на средселото. Тука три пати ја обиколувала чешмата водејќи сметка да не стапне во водата. Потоа се упатувала во дворот, шталата или трлото каде што се наоѓала стоката чие млеко сакала да го преземе. Пред да влезе во објектот три пати го обиколувала, растурала пепел од грнето што го носела со себе, и потоа влегувала кај стоката. Тука од грнето вадела пепел и истурала по еден грст на колците на кои била врзана стоката. Потоа молзела по малку млеко од секоја крава и пред да излезе од шталата, се испоганува на самиот нејзин влез. Притоа велела: „На мене млеко и масло, на тебе г….!“ – Потоа се враќала во својот дом по истиот пат по кој одела. Пепелот што го тура на колците го прави за тука сè да се запусти, а кај неа сè да се подмлади.

Народот верувал дека ако некој го украде млекото од стоката (овци, кози, крави) тие нема да имаат воопшто млеко, и тоа што ќе го имаат ќе смрди. Ова верување до скоро беше дел од нашата народна кутура. По селата многу се раскажуваше за стада каде што овците се слаби и ненахранети, а јагнињата се големи, дебели и нахранети. Тоа се сматаше за последица од пренесување на млекото од едно стадо на друго.

Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско пишува дека оваа жена што презема туѓо млеко пред да тргне да ја изведува магијата, најпрвин ја симнува Месечината на земјата, а дури потоа ја прави магијата во врска со млекото. Симнувањето на Месечината исто така се правело на полноќ. Жената магесница излегувала незабележано, се соблекувала гола, го јавнувала кросното, одела зад куќата и тука застанувала на главата и потпирајќи се на рацете три пати се свртувала во круг. Потоа на местото каде што ѝ била главата се испоганувала (вршела нужда). Потоа пак го јавнувала кросното, завртувала три пати околу изметот и каснувајќи од него се свртувала кон месечината и велела: „Јас сум теле, ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела три пати пак се свртувала околу изметот повторно ќе каснела од него и пак ќе ги речела истите зборови: „Јас сум теле ти си крава!“ Кога тоа ќе го речела и по трет пат и кога сè ќе направела, месе¬чината голема како гумно, се спуштала и застанувала до неа. Месечината полека се претворала во крава и почнувала да рика токму како крава. Потоа ја допирала месечината и станувала невидлива. Откако тоа ќе го направела повторно завртувала околу изметот, каснувала од него и ѝ ве¬лела на месечината: „Јас сум жена, а ти си месечина, јас сум доле, а ти си горе“. Кога ова три пати ќе го речела месечината од мака ќе рикнела, и ќе се кренела нагоре, а жената гола качена на кросното ќе си го продолжела патот таму каде што тргнала.

Тановиќ уште запишал дека народот за најголем грев го сметал симнувањето на Месечината. Кога ова му го раскажувала некоја баба околу петнаесет пати рекла: „Ристос да е тука!“ „Ристос да е меѓу нас… Не се овие работи за кажување“… Ако човек разберел дека се симнува месечината требало да се крие, да не излегува од дома. И ако имало запалена ламба требало да се изгасне зашто во тие моменти можело човекот да настрада, да му се земе паметот, рака или нога.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде богат бериќетот. Во песните Свети Ѓорѓија е воспеан како небесен клучар кој како што се пее во една белоруска песна, ја отвора земјата, ја пушта росата за да биде топло летото и бујно житото.

Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви на паганската и христијанската религија.

Освен празникот Ѓурѓовден што се празнува на 6 мај (23 април, с.с.) нашиот народ празнува уште два празника поврзани со овој светител и тие спаѓаат во зимскиот период кога се празнува со домашни служби (слави). На 16/3 ноември, на денот кога е обновен храмот на Св. Георгиј во Лида, се празнува празникот познат како Ѓурѓиц, а на 9 декември (26 ноември, с.с.) празникот познат како Св. Ѓорѓи – Посен.