Министерството за внатрешни работи на чие чело е Оливер Спасовски, кое се уште трага по ограбувачите во нивниот магацин во Охрид и на магацинот со масло од канабис во Крушевско, денеска се пофали со акција во која било приведено момче од Зелениково, кое со употреба на пластичен пиштол извршило десетина напади на спортски обложувалници низ Скопје.
Во продолжение извештајот на МВР за овој настан, во оригиналната форма како што е објавен и на нивниот профил на Фејсбук:
Приведен разбојник, расчистени 10 кривични дела на подрачјето на Скопје
На 28.05.2022 по претходно преземени мерки и активности, од страна на полициски службеници од Единица за внатрешни работи – ОКР Аеродром и Драчево при СВР Скопје околу 02.00 часот во угостителски објект на подрачјето на Аеродром лишен е од слобода 17-годишник од с.Зелениково, скопско, поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „разбојништво“ на 27.05.2022 во 18.30 часот во спортска обложувалница во нас. Драчево.
Тој е приведен во полициска станица и при извршен службен разговор во присуство на родител, адвокат и инспектор по малолетници, признал дека извршил десет кривични дела „разбојништво“ и ги појаснил истите.
Имено, на 27.05.2022 околу 09.00 часот во спортска обложувалница 17-годишникот со закана со пластичен пиштол од вработената одзел пари, а истиот ден, тој на идентичен начин извршил разбојништво и во уште една спортска обложувалница.
Исто кривично дело 17-годишникот извршил и на 26.05.2022 во спортска обложувалница на подрачјето на Карпош, на 23.05.2022 во обложувалница на подрачјето на Аеродром, на 17.05.2022 во обложувалница на подрачјето на Кисела Вода, на 06.05.2022 и на 30.04.2022 во обложувалници на подрачјето на Аеродром.
Уште три разбојништва во спортски обложувалници 17-годишникот признал дека извршил на подрачјето на Аеродром, и тоа на 27.03.2022, на 23.03.2022 во 21.00 часот и на 03.12.2021 околу 18.00 часот, кога со закана од вработените одзел пари.
Кај лицето биле пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичните дела.
Во координација со Јавен обвинител за малолетници, по документирање на случаите, против него ќе следи соодветна кривична пријава.