Ако добиеме непристоен предлог за јазикот и идентитетот, ние ќе ги прекинеме преговорите со Бугарија за влез во ЕУ, изјави вечерва вицепремиерот Бојан Маричиќ, во интервју за ТВ Канал 5.
– Овој е компромис што ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг, изјави Маричиќ.
Според Маричиќ, компромисот во предлог-преговарачката рамка бил многу едноставен: гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите, од бугарска страна и внесување на Бугарите во Уставот, од наша страна, пред продолжување на преговорите пред втората меѓувладина седница.
На крајот на процесот македонскиот јазик, според сето ова ќе се официјализира како службен јазик на Европската Унија.
– Ние ништо друго и нема да прифатиме, ниту можеме да прифатиме. Доколку во кој било момент добиеме непристоен предлог за јазикот и идентитетот, ние имаме целосно право и да ги напуштиме и да ги прекинеме преговорите, рече Маричиќ.
Според Маричиќ, никој не може во денешно време да го асимилира „нашето чувството како Македонци или било чие етничко чувство или кој јазик го говори“.