Руските и проруските сепаратистички сили на Луганската Народна Република тврдат дека влегле во предградието на Сиверск во украински Донбас, соопшти британското Министерство за одбрана.
Нагласувајќи дека извештаите не се потврдени, британското Министерство објави дека руските сили полека напредуваат кон запад и планираат напади кон Сиверск од Лисичанск за да го отворат патот кон Славјанск и Краматорск.
– Бахмут најверојатно ќе биде следната цел откако ќе биде обезбеден Сиверск, се вели во извештајот.
Институтот за проучување на војната, исто така, соопшти дека Русија најверојатно подготвува офанзива од големи размери долж линијата Славјанск-Сиверск-Бахмут.
Руските медиуми вчера јавија дека украинскиот град Сиверск е под контрола на сојузничките сили на Русија и на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР).
– Нашите трупи го контролираат Сиверск, така што непријателот сега може да биде погоден со прецизен оган на целата територија на градот, изјави првиот заменик-министер за информации на ДНР Даниил Безсонов за телевизискиот канал „Соловјев во живо“.
Тој претпостави дека украинските сили ќе се повлечат од Сиверск побрзо „отколку што се повлекле од Лисичанск“.