Прашањето за репарации поради окупацијата на нацистичка Германија е заклучено, соопшти официјален Берлин, откако Полска вчера излезе со ставот дека проценетата штета од германската окупација во Втората светска војна узнесува 6.200 милијарди злоти и дека ќе бара исплата на тие средства.
– Ставот на германската Влада не е променет. Прашањето за обештетувањето е заклучено, изјави преку е-пошта портпаролот на германското МНР.
– Полска се откажа од натамошни репарации многу одамна, во 1953 година. Таа откажувањето неколку пати го имаше потврдено. Тоа е основата на денешниот европски поредок. Германија стои на својата политичка и морална одговорност за Втората светска војна, додаде портпаролот.
-Полска процени дека нејзината воена штета од нацистичката агресија изнесува околу 1.320 милијарди долари и официјално ќе побара репарации од Германија, изјави вчера лидерот на најголемата полска партија, Јарослав Качински.
Британските медиуми пренесуваат дека оваа нова проценка на штетата е повисока од 850 милијарди долари што во 2019 година ги претстави претставник на полската владејачка партија Право и Правда (ПиС).