На 6 септември 1944 година, кога Хитлер на многу фронтови доживуваше порази, неговиот дотогашен сојузник, царската влада на Бугарија и објави војна на нацистичка Германија.

Одлуката е донесена во моментите кога единиците на руската Црвена армија веќе беа на бугарската граница. Бугарија дотогаш и за време на фашистичката окупација на Македонија, беше сојузник на Третиот Рајх.

Денес, политичарите и историските комисии кои ги аминуваат тие, како и историчари на кои, од нивни причини, поважен им е сегашниот политички момент од историскиот во минатото, срамежливо или поотворено бараат периодот на окупација од Бугарија на Македонија да се нарекува „администрирање“.

Но, пред фактите и политичарите и историчарите треба да замолчат: Бугарија до 6 септември 1994 година била окупатор на Вардарска Македонија и била сојузник на Хитлер и тогашна фашистичка Германија.

Други настани од историјата на Македонија, на 6 септември:

1903: Кај селото Витишево, Кочанско, во борба против турската армија загина Милан Трајков Стоилов, македонски револуционер, еден од основачите и секретар на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, член на Тајниот македонско-одрински кружок и учесник во Илинденското востание.

Роден е во Кукуш, на 14 јануари 1881 година. Тој е македонски револуционер, преродбеник и деец.

Основното образование (1892) и средното – егзархиско трикласно (1895) ги завршува во својот роден град. Учи во Егзархиската духовна семинарија во Цариград, која ја завршува во јули 1902 година. На 14 август 1902 година пристигнува во Русија каде што се запишува на Военомедицинската академија во Санкт Петербург.

Во Петербург учествува во основањето на Македонското научно-литературно другарство, на кое што станува и секретар на второто заседание, учествува и во основањето на Тајниот македоно-одрински кружок.

Стоилов со група студенти (Јули Розентал и Александар Соколов) се присоединуваат кон ВМОРО. Милан се вклучува во четата на Никола Дечев. На патот кон внатрешноста на Македонија четата е пречекана од турски аскер меѓу селата Витоша и Лески, каде што (според едни извор и на 5 други на 6 септември 1903 година Александар Соколов, Стоилов и Марко Марков (студент-математичар) загинуваат.

1944: Ослободено е Кратово.

1962: Во Струга започна првата поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Најзначајната награда на Струшките вечери на поезијата е “Златниот венец”, која првпат му е доделена во 1966 година на советскиот поет Роберт Иванович Рождественски за најдобра песна.

Од 1971 година Златниот венец се доделува за целокупен поетски опус.

(Подготвил: Д.Г.)