Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски упати апел до министерот за надворешни работи Бујар Османи да размисли кога и дали е потребно да се класифицираат информации коишто ги претставуваат амбасадорите, и до пратениците на ДУИ секој да поднесе најитно барање за добивање национален безбедносен сертификат за да може да си ја исполнува улогата на пратеник во секоја ситуација.
-Оваа седница ја почнавме пред одреден период и по барање на МНР за истата мнозинството донесе одлука да биде затворена заради доверливост на одредени материјали што се доставени од МНР, а поврзани со амбасадорите и тогаш владејачкото мнозинство изгласа одлука седницата да биде од затворен карактер за јавноста. Денеска имавме прв обид да ја продолжиме седницата во форма во која што работевме, односно затворена седница, но констатирам со жалење дека голем дел од пратениците од владејачкото мнозинство особено од партијата ДУИ немаа национални безбедносни сертификати и не можат да присуствуваат на таква седница, ниту пак да направиме кворум за да продолжи и да работи во тој формат, рече Милопоски на прес – конференција во Собранието.
Седницата продолжи откако амбасадорката која беше следна за излагање на тези Евгенија Илиева која е кандидат за амбасадор во Братислава во името на МНР побара седницата да биде од отворен карактер.
На новинарско прашање, Милошоски појасни дека седницата кога беше испратен амбасадорот во САД беше затворена на барање на МНР, но на почетокот присуствувале сите пратеници и мнозинството одлучило да биде затворена, а при тоа гласале и оние пратеници кои немале безбедносен сертификат да учествуваат во работа на затворена седница. Според него, по однос на амбасадорите треба да имаме отворени седници за јавноста, но вели, мнозинството на крајот ја носи одлуката.
–Оваа седница не оди ништо побрзо и ништо поспоро од седницата за избор на уставните судии која што е десеткратно побитна за институциите во државата, па и за владејачкото мнозинство, но гледаме дека тактизираат и веројатно немаат некој договор. Затоа министерот Османи не би требало да биде селективен ако станува збор за ефикасност или неефикасност на Собранието или за различно толкување на Деловникот. Сметам дека владејачкото мнозинство и комисиите со коишто раководи е прилично неефикасно, но тука министерот Османи не ги забележува тие работи, веројатно намерно, рече Милошоски прашан за прозивките од страна на шефот на дипломатијата дека тој тактизирал со закажувањето на седниците за испраќање на амбасадорите.
Во однос на тоа дали ќе поднесе иницијатива за обраќање на Османи пред оваа собраниска Комисија поради нетранспарентност во однос на кадровската политика на МНР и конкретно за вработувањето на лицето Бесмира Ејупи, Милошоски рече дека министерот за надворешни работи согласно законот е должен најмалку двапати годишно да има излагање, обраќање, прашања и одговори пред Комисијата за надворешна политика, но тоа не значи дека не може да биде и почесто и најави дека ќе се обидат тоа да го предложат.
– Ова прашање предизвика големо внимание, ние како Комисија за надворешна политика ќе направиме напор министерот Османи да реферира пред пратениците за случајот на Бесмира Ејупи колку е квалификувана да работи во МНР, дали има трговија со влијание за нејзиното вработување и дали била негов предлог за конзул што потоа бил повлечен, но дали била формално предложена да биде конзул во Њујорк како претставник на Македонија. Тоа ќе го направиме и се надевам дека пратениците од мнозинството ќе не поддржат за еден ваков надзорен, би рекол, состанок каде што министерот би информирал за овој случај, рече Мило[оски.
За презентацијата на тезите на амбасадорот во САД Зоран Попов зад затворени врати, потврди дека имаше три такви информации од посензитивен карактер во тоа излагање на амбасадорот и веројатно тоа беше причинатa зошто МНР побара таа седница да биде затворена.
Тој на прашање изјави дека ВМРО-ДПМНЕ најверојатно собраните потписи за иницијативата за референдум во однос на Договорот за доброседство со Бугарија ќе ги поднесе во Собранието следната недела.