Односот и содржината на наративот од и кон Македонија на 77. Генерално собрание на ОН првпат бележи квалитативна промена – од земја што бара поддршка за својата меѓународна позиција, во земја од која се бара поддршка и активно придонесува во колективната безбедност, прво како земја членка на НАТО, второ како земја преговарач со ЕУ и трето како претстојна земја претседавач со ОБСЕ.

Ова го изјави на денешниот брифинг министерот за надворешни работи Бујар Османи, по минатонеделното присуство на 77. Генерално собрание на ОН во Њујорк, во рамки на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

– Тоа е квалатативно важна разлика. Од земја која што обично на тие настани ги претставува своите проблеми, во земја на која што и се претставуваат проблемите на другите земји. И тоа се многу причини, поради тоа. Прво, се разбира нашето членство во НАТО, коешто ја менува веднаш меѓународна позиција на земјата. Второ, е почетокот на преговори. И тоа се забележуваше во Њујорк затоа што третманот го имавме како да веќе сме земја членка на Унијата, и по однос на интересот на земји од надвор од Европа, од Азија, од Африка, од Јужна Америка, коишто во нас веќе гледаат земја членка на ЕУ, и оттука нивни се разбира економски интерес да имаат пазар од 500 милиони граѓани и од тука еден друг пристап. И се разбира третата причина е фактот што претседаваме со ОБСЕ, па тоа дава една нова меѓународна позиција на државата, појасни Османи.

Посебно, нагласи Османи, заради тоа што сметаат дека сме успешна приказна која што може да послужи како модел за другите земји во регионот и пошироко – земја модел по однос на внатрешна меѓуетничка хармонија, односно како редок пример на успеша мултиетничка функционална демократија, земја со средени односи со соседите во еден тежок регион и во едно тешко соседство и земја со успешна интегративна политика.

– Значи од земја консуматор на безбедност во земја провајдер или давач на безбедност. И тоа мислам дека е насловот ако можам да кажам на ова Генерално собрание, изјави Османи.

Инаку, по еднонеделен престој во Њујорк, министерот Османи, како и премиерот Ковачевски, звор не кажаа за правата на Македонците во Бугарија, Грција и другите соседни земји. Во говорите беше само „успешната приказна“ за правата што малцинствата ги имаат во Република Македонија. Патем, во говорите вешто се избегнува да се споменуваат: Македонија, Македонци и македонски.