Со посебно задоволство одговорив на поканата на амбасадорката на Сојузна Република Германија, Н. Е. Анке Холштајн, да присуствувам на прием во организација на германската Амбасада по повод Денот на германското единство, се вели во честитката од министерот Оливер Спасовски.

– Дозволете ми во свое и во име на МВР да упатам срдечни честитки до пријателскиот германски народ и Сојузната Влада на Германија, по повод националниот празник – 3 октомври, Ден на германското единство и повторното обединување на Германија од 1990 година, неполна година по падот на Берлинскиот ѕид, означувајќи го крајот на Студената војна и утврдувајќи се како симбол за единство, слобода и демократија. Со таа одлучна историска и геополитичка промена, која со право може да се нарече и европска победа, денеска, обединета Германија ги премости длабоките разлики, се трансформираше во модерна држава и се позиционираше како глобален фактор, одредувајќи ја насоката на општественото, економското, културното и социјалното живеење, земајќи го концептот на слобода како ориентир за иднината. Нека е честит Денот на германско единство!- објави Спасовски на својот официјален профил на Фејсбук.