Доколку навистина сакаме до 2030 да влеземе во ЕУ, ни треба нов Рамковен договор, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес конференцијата со неговата словенечка колешка Тања Фајон.
– Уставните измени да се усвојат до крајот на скринингот, повика словенечката шефица на дипломатијата Фајон, која е во посета на земјава.
Според неа, прашањето за членство во ЕУ во Словенија ги обединило сите политички субјекти и очекува тоа да се случи и во Македонија.
Фајон се надева на натпартиски консензус за евроинтеграцијата.
– Ги повикувам сите политички сили да го поддржат патот на единството, одговорноста и посакуваме до промена на Уставот да дојде согласно временската рамка, тоа значи да може да се продолжат преговорите без дополнителни оптоварувања, односно да не се доцни и да се усвојат до крајот на скринингот на законодавството, рече Фајон.
Словенечката министерка понуди поддршка за време на преговорите со Европската комисија и истакна дека 2030 година е реална цел за зачленување во Унијата на Македонија.
Домаќинот Османи пак, побара нов рамковен договор за оваа цел да биде остварлива.
– Доколку навистина сакаме 2030 да ни биде годината кога ќе бидеме членка на Европската унија ние мора да си подадеме рака, овде, помеѓу власт и опозиција, односно политичките партии дека оваа тема ќе ја тргнеме надвор од дневно-политичкиот натпревар и препукувања. Нас ни треба нов Рамковен договор за Европската унија, рече Османи.