Премиерот Димитар Ковачевски од пазарот во скопската населба Ѓорче Петров, им се заблагодари на пазарџиите и на македонските земјоделци кои неуморно работат неуморно за граѓаните да имаат свежи и убаво домашно овошје и зеленчук.
– Годинава голем фокус ставаме на зголемувањето на домашното производство на храна. Нашите јаболка се највкусни, од нашите пиперки се прави најубавиот ајвар, убавата и вкусна македонска храна е наше богатство. Нашата татковина има сонце, вода, плодна почва, ги има сите потребни ресурси, а ние, даваме целосна поддршка на земјоделците за најпрво да им помогнеме работата да им се развива по нагорна линија, но и за да обезбедиме доволно храна за целата држава во оваа голема криза во која живееме, рече Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека Владата воведе нов модел со кој ги мотивирала да произведуваат повеќе храна.
Тој додаде дека Владата која ја предводи навреме презела соодветни мерки за обезбедување храна, струја и енергенси и за заштита на стандардот на граѓаните, на ранливите категории граѓани и на фирмите.
– Го максимализиравме производството на струја од домашните капацитети, постојано го зголемуваме домашното производство и вклучуваме нови капацитети. Реализираме два пакети антикризни мерки од 700 милиони евра. Струјата за граѓаните ја субвенционира државата, во висина од 80 отсто, како и за 72.000 компании, рече Ковачевски.
По средбите со граѓаните, претседателот на СДСМ ќе одржи и работен состанок со членовите и симпатизерите на СДСМ од оваа населба во локалното седиште на партијата.