Сега е време да се отвори Уставот и да се решат сите отворени прашања, изјави вицепремиерот Артан Груби во синоќешното гостување во емисијата Клик плус на ТВ 21.
Тој рече оти е убеден дека ќе имало повеќе од 80 пратеници за измени на македонскиот Устав. И притоа направи „свој есап“:
– Мнозинството моменталното е 64 пратеници, 10 други од Алијанса за Албанците и Беса, тоа се 74 пратеници. Сигурно 2 пратеника од Левица нема да гласаат. Значи остануваат само пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои не се сите од ВМРО, има и од другите помали партии. Верувам дека сите тие пратеници од коалицијата на ВМРО имаат европски убедувања, рече Груби.
Тој натаму образложи:
– Сега, пред да пристигнам во студиото на ТВ 21 имав состанок со релевантни претставници од меѓународната заедница. Има оптимизам. Јас сметам дека ќе имаме повеќе од 80 пратеници за гласање на уставните промени. И убеден сум дека тоа ќе биде. ВМРО-ДПМНЕ е членка на ЕПП, имаме инфомрации дека има сериозни разговори и од ЕПП за да помогнат во процесот, додаде тој.
Груби рече дека сега е време да се отвори Уставот и да се решат сите отворени прашања.
– Еве една идеја за која разговараме. Во Уставот овие 20 години сме детектирале многу недостатоци, еве сега ексклузивно за вас велам, да сега е време да се отвори Уставот и да се решат сите отворени прашања, изјави Груби.