Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека неодамнешната проценка на Пентагон, според која Русија изгубила околу 50 отсто од своите тенкови во војната во Украина, „повеќе или помалку одговара на реалноста“.

Зеленски тврди дека Русија претрпела „неверојатни“ загуби во војната против Украина, и во однос на воениот персонал и опремата.

Колин Кал од Пентагон завчера рече дека Русија „ќе излезе од војната против Украина послаба отколку што влезе во неа“, додавајќи дека „веројатно изгубила половина од сите главни борбени тенкови што ги има“. Кал додаде дека „повеќе од 80 отсто од копнените сили на руската армија се заглавени во Украина“ и оти Русија го „потрошила поголемиот дел од залихите на прецизно наведувани ракети“ во Украина.

На прашањето на Си-Ен-Ен дали проценките на Пентагон одговараат на информациите од теренот во Украина, Зеленски рече дека тие „повеќе или помалку одговараат на реалноста“.

– Иако, да бидам искрен, никој не ги знае точните бројки, особено во однос на бројот на загинати руски војници, додаде тој.

Украинскиот претседател процени дека Русија претрпела околу 10 пати повеќе загуби од Украина, додавајќи дека иако не може да даде точни бројки, има „значителна разлика“ меѓу руските и украинските загуби. Тој рече дека Украина не сака да ја користи својата војска како топовско месо, додавајќи дека тоа е уште една причина зошто загубите на Украина не се толку големи како руските.

– Секогаш кога бараме од нашите партнери да ни испратат артилерија или оклопни возила, не се работи само за оружје, туку пред сè за заштита на нашиот воен персонал, рече Зеленски. Според него, артилеријата испратена во Украина од САД и Европа одиграла значајна улога во запирањето на руската воена офанзива.

– Ги запревме и деокупиравме голем дел од нашата територија. Во тоа многу помогна артилерија и новите технологии што ги добивме од сојузниците, рече Зеленски.