Од 2016 година уште се занимаваме со тоа дали ќе се гради воопшто нов клинички центар. Во последниве месеци целата приказна се претвора во трагикомедија и изведувачот бара отштета од 8,5 милиони евра поради нечија неспособност. Дополнително од денес има вест дека постои единица во Министерството за здравство која го контролира проектот за нов клинички, кој го нема, ама некој зема големи пари, рече доктор Андон Чибишев, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ кој гостуваше во емисијата Што не е јасно што се емитува на телевизија Алфа.
Според него стана некоја пракса да има проекти кои не постојат, ама има луѓе кои земаат пари за непостоечки проекти.
„Од друга страна нема лекови за онколошки болни, за ретки болести, апарати кои не функционираат и граѓаните не можат да напарават испитувања, ама има пари за небулозни ангажмани кои немаат ефект што ќе го користи оваа држава“, рече Чибишев.
Говорејќи за клиничкиот центар докторот напомена дека истиот функционира со најмалку средства.
„Пари нема, а и тие што ги има се користат за времени ангажирања бидејќи кадрите се одлеваат, одат да работат надвор. Имаме постојана промена на цени на лекови, медицински помагала и тоа многу пари троши од буџетот“, рече Чибишев укажуавјќи дека имало пракса да се контролира работата на клиниките. Пракса беше, рече тој, тоа да се прави два пати годишно.
„Но, сега слушнавме дека има некакви вонредни контроли кои не се прецизни. На пример слушнавме дека дека има неправилности на Онкологија, но беше сменет само медицинскиот, но не и економскиот директор што е нејасно“, укажа докторот.