Државата треба да се грижи за навремено снабдување на терапија за пациентите на Клиниката за онкологија, имајќи предвид дека се работи за оноколошки пациенти кои се осетливи на терапијата. Тоа е една од причините зошто побарав оставка од претходниот директор, вели министерот за здравство Беким Сали во одговор на новинарско прашање за тоа кога ќе пристигне терапијата за рак, а пренесува Сител.
– Со новата директорка сме во комуникација за надоместување на таа празнина и временски не можам да прецизирам бидејќи не сум вклучен во набавката на лековите, но сум оптимист и очекувам да бидат надминати овие пречки, посочи министерот Сали.
Во делот на набавка на лекови, истакна дека сè уште не се зборува за нивна централизација.
– Знаете дека ретките болест се третираат со централна набавка, опремата е централизирана, а секако и инсулинот се купува централизирано, знаејќи дека мора да биде покриена цела држава и да нема пропуст, истакна тој.
Додаде дека сè уште нема одлука за централизирање на набавките. Но, од финансиски аспект е подобро бидејќи овозможува централизирана набавка на годишно ниво и со динамика на плаќање на обврските од Министерството.