Сами си побаравме помош од САД во борбата против корупцијата, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако беше објавено дека специјален тим за санкции од Министерство за правда од Америка пристигнал во Македонија за да истражи наводи за корупција кај актуелни политичари и други функционери.
– Ако не ги почнеме преговорите со ЕУ, стравував дека ќе останеме на мониторинг, затоа побарав од САД да ни помогнат во однос на корупцијата, вели шефот на дипломатијата.
Во врска со изјавата на амбасадорката Анџела Агелер во која таа најави „поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери“, Османи додава дека станува збор за „сеопфатен поглед на корупцијата во земјава“ и дека властие „поддржуваат бескомпромисна борба на сите нивоа“.
Агелер вчера соопшти дека во земјава пристигнал американски тим за санкции со цел да утврди како стои работата со гонењето на корумпираните лица. Во интервју за ТВ Сител, таа повтори дека корупцијата е најголемиот предизвик со кој се соочува Македонија.
– Како што патувам низ земјава и зборувам со обичните луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога бараат работа, секогаш кога детето им аплицира за одредено училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакаат да останат тука, напиша Агелер на Твитер.
Таа додаде дека корупцијата ги „брка младите“ и дека тоа е најголемата загуба за земјава.