Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме. Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда, напиша поранешниот премиер Зоран Заев на фејсбук коментирајќи ги поништените пресуди на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, од страна на Апелациониот суд.
– Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција, објаснува Заев.
Што е следно, напишал тој, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Според него, и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам.
Зоран Заев ги повикува сите надлежни од и околу правосудството, сите, како што пишува на неговата објава, со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден.
Инаку Заев беше на чело на телото за реформи на судството на кое сега се лути, за кое откако го „реформира“ изјави дека „правосудството во Македонија го отворив како пупка“.