Со онлајн проекција на документарниот филм „Земниот живот на Исус Христос“, вечер почнува седмото издание на Меѓународниот филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“.

Во филмот се покажуваат места поврзани со животот на Господ Исус Христос, од неговото раѓање до неговата смрт на крстот и воскресението. Чекор по чекор се прикажува животниот пат на Господа. Филмот само во Русија го виделе над 2,5 милиони гледачи.

Автор е Александар Казакевич, режисер Константин Голенчик, продуцент е Дмитриј Менделеев, студио „Неофит“ од Русија.

Инаку, фестивалот годинава ќе се одржува до 25 декември со проекција на филмови во хибридна форма. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното,  духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. 

Фестивалот е основан 2016-та година и досега поддржан од 12 амбасади во државата, бројни компании, а медиумски и од МИА. медиумски куќи. 

Почесен претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј–ставрофор, одликуван со златен медал „Св. Климент Охридски” на државно ниво.   

Програмскиот совет на фестивалот го сочинуваат Антонио Митриќески, професор на ФДУ и режисер, добитник на бројни интернационални награди, Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословски факултет „Свети Климент Охридски во Скопје и поранешен амбасадор во Ватикан,  Владимир Ангелов, виш филмолог и директор на Кинотека на Северна Македонија и Зорица Костовска, основач и директор на фестивалот.

-Фестивалот нема комерцијален карактер, сите филмски проекции и програми се бесплатни. Нашата мисија и цел е да ги шириме духовните вредности меѓу луѓето и да ги едуцираме младите генерации во  насока на добрина, морал, етика, пожртвуваност, љубов и духовност,  вели Костовска.

Организацијата е на „Топ Ворлд ТВ продукција“ од Скопје, која е основана во 1994 година, чија определба е да негува општествено полезни, духовни, етички  и хумани проекти.