На првиот ден од 1903 година, на 1 јануари, во Солун почнал конгресот на ВМРО, на кој е решено да се дигне востание во Македонија.
Солунски конгрес заседавал до 4 јануари и е познат и како Јануарски конгрес. На овој собир била донесена одлуката за кревање на Илинденското востание иако најголемиот дел од револуционерните дејци се изјасниле против кревање на востание.
Централниот комитет на Иван Гарванов и Задграничното претставништво – Христо Татарчев и Христо Матов кон крајот на ноември 1902 година биле решени за кревање на востание.
Затоа Гарванов на 6 јануари 1903 година (стар стил) испратил окружно до ЗП, окружните и околиските комитети со кое свикал Конгрес и ги поканил делегатите.
(Иван Гарванов)
Меѓутоа еден дел од делегатите немале доволно време да стигнат на Конгресот и најверојатно тоа било и посакувано од Иван Гарванов.
Гоце Делчев бил поканет на Конгресот, но неговото појавување било непожелно.
По добивањето на поканата Делчев истакнал: „…Прашањето (за востание б.н.) било наметнато од битолчани, и дека тој не сака да оди за Солун… По Џумајското востание, ситуацијата била затегната во целата земја, дека тоа не може да се толерира како дотогаш, но и дека не треба да се прибегне кон масовно востание, туку да се обмисли нов начин на работа“.
Окружниот комитет на Одрин го поканил Михаил Герџиков да присуствува на Конгресот, но тој одбил и на негово место бил испратен Велко Думев кој требало да каже дека не се подготвени за востание.
Серскиот револуционерен комитет побарал мислење од Јане Сандански по прашањето за востание, а тој од своја страна организирал собир кој се изјаснил против.
Вакви консултации имало и во Скопје, а нивниот делегат Димитар Ганчев бил задолжен да бара одложување на востанието барем за една година. Атанас Лозанчев, битолски делегат и воедно раководител на тамошниот револуционерен комитет, не повел никаква дискусија или советување во однос на востанието, а такви консултации и советувања немало ниту во Струмичкиот, ниту во Солунскиот округ.
Конгресот се одржал во физикално-математичкиот кабинет на Солунската егзархиска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Не пристигнале поканетите претставници на Штипскиот револуционерен округ и на Тиквешката револуционерна околија. За претседател на Конгресот бил избран Иван Гарванов, претседател на Централниот комитет, а за секретар Димитар Мирчев. На конгресот присуствувале вкупно 17 делегати. ЦК го претставувале: Иван Гарванов, Спас Мартинов и Димитар Мирчев. Делегати станале и двајцата заслужни дејци, тукушто ослободените од неколкугодишно османско заточение, штипските револуционери Христо Поп Коцев и Тодор Лазаров. Главнината ја сочинувале претставници од 12 реони и тоа:
Од Солунскиот револуционерен реон Иван Сапунаров, Битолскиот Атанас Лозанчев, Цариградскиот Никола Петров, Одринскиот Велко Думев, Серскиот Лазар Димитров, Скопскиот Димитар Ганчев, Струмичкиот Иван Ингилизов, Велешкиот Тодор Пејков, Радовишкиот Георги Варналиев, Гевгелискиот Никола Хрлев, Кукушкиот Христо Влахов, Воденскиот Димитар Занешев.
(Гоце Делчев)
На третото заседание, кое траело само час и половина се прифатил и потпишал Протоколот за извршената работа и преземените решенија.
Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Димитров, но на крајот и тој се присоединил кон заедничкото мнение. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието барем една година , исто го потпишал затоа што и другите потпишале.
Најважниот аргумент против востанието недостигот на доволно оружје во повеќето реони било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Бугарија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали.
По донесување на решението за востание од страна на Солунскиот или Јануарски конгрес, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.
На тој начин целокупниот организационен механизам на ВМРО бил ставен во движење. Ѓорче Петров истакнува дека во одлуката за кревање на востание во голема мера влијаел и војводскиот кадар кој станал нетрпелив, дел од старите дејци поради премореност, а другите поради славољубие меѓу кои и Иван Гарванов кој сакал востанието да се крене во негово време.
Нерегуларност на Конгресот
На конгресот не присуствувале ниту еден од основачите на Организацијата или поистакнати нејзини дејци. Голем дел од нив или не биле поканети или не сакале да присуствуваат.
Но, на конгресот не биле повикани ниту војводите ниту некои дејци и најверојатно нивното неучество на Конгресот било посакувано од Иван Гарванов и Атанас Лозанчев.
Дополнително на тоа имало несразмерност на делегатите по окрузи. Имено Битолскиот, Одринскиот и Серскиот имале по еден делгат, додека пак Солункиот имал 4, а Струмичкиот округ 2. Сето тоа допринело подоцна да се постави прашањето за легитимноста и регуларноста на Конгрест. Татарчев кој го поддржувал прашањето за востание истакнува: „…Солунскиот конгрес… Бил совршено незаконски, бидејќи ја одзел можноста на ЗП како составен дел на ЦК, да се искаже по прашањето за востанието“.
Солункиот конгрес од страна на делегатот Лазар Димитров и Пандо Кљашев бил исто така оценет како нестатутарен, а по Илинденското востание во април 1904 година на првиот повостанички собир во Струмичкиот округ било констатирано: „Востанието, кое стана минатата (1903 з.н.) година, било наложено од Централнит комитет под булото на еден Конгрес, но Конгрес незаконит, значи востанието не произлегло од зрелост, туку е наложено и тоа предвремено“.
……………
Други настани: Во 1941 година починал Петар Поп Арсов, еден од основачите на ВМРО
На 1 јануари 1941 година во Софија починал Петар Поп Арсов, македонски национален деец и публицист.
Учесник бил во создавањето на ВМРО во Солун во 1893 година, а потоа и член на нејзиниот прв Централен комитет. Припаѓал на левото крило на Организацијата. Во 1912 година емигрирал во Бугарија. Под псевдонимот „Вардарски“ ја напишал книгата „Стамболштината во Македонија и нејзините претставници“, објавена во Виена, во 1894 година.
Роден е во 1868 година во велешкото село Богомола. И тој бил меѓу исклучените ученици од Солунската егзархиска гимназија, кои се префрлиле во Белград, но оттаму, како и Даме Груев, се вратил назад и студирал во Софија каде дипломирал филологија на Софискиот универзитет.
Во 1893 година, како професор во Солун, учествувал во создавањето на МРО и станал член на нејзиниот прв ЦК. Тој бил задолжен да го состави и првиот Устав на Организацијата.
За време на Виничката афера, Петар Поп Арсов бил уапсен и одведен на петгодишно заточение во Подрум-Кале во Мала Азија. Во периодот по Илинденското востание и припаѓал на т.н. левица. Бил еден од тројцата задгранични претставници избрани на Рилскиот конгрес на ВМОРО во 1905 година. За време на Хуриетот живеел и работел во Скопје.
По Првата светска војна тој живеел во Бугарија и работел како прогимназиски професор во Костенец, а публикувал и повеќе прилози.
(Подготви: Д.Г.)