ЕСМ само за јануари ќе плати повеќе од еден милион евра (со вклучен ДДВ) за набавка на гас од бугарската фирма Балкан јутилитис, објави Вечер.

Минатиот месец ЕСМ ја прифати понудата на Балкан јутилитис со фиксна цена како најповолна. Одбиената понуда на Макпетрол беше со променлива цена во зависност од движењата на берзата, што во случајов значи заштеда од еден милион евра.

Во овој период цените на гасот паднаа, па пресметките покажуваат дека ЕСМ за јануари за купениот гас ќе плати 916 илјади евра повеќе кон бугарската фирма или 1.081.000 евра повеќе со вклучен ДДВ.

И понудата на Пром-гас, третопласираната фирма, кон ЕСМ продажба веќе е со далеку пониска цена од првичната поради берзанските движења.

Од ЕСМ велат дека фиксна цена наместо променлива во зависност од берзата е услов при склучување на договорите и тоа ќе биде пракса и во наредниот период.

– Фиксната цена е задолжителен услов затоа што ЕСМ продажба треба да има обезбеден буџет за да може да ја прифати понудата, да има пресметка за плаќање на природниот гас што го плаќа однапред и истиот да го испорача до другите потрошувачи кои ќе го купат од ЕСМ продажба со маржа не поголема од 1 отсто. ЕСМ продажба во текот на јануари ќе спроведе јавен повик за набавка на гас за февруари 2023 година на кој ќе бидат поставени истите услови, велат од ЕСМ.

Цените на гасот на европските и светски берзи во моментов се на најниско ниво од февруари минатата година, односно од почетокот на војната во Украина.

Фирмата Балкан јутилитис се поврзува со рускиот олигарах Александар Лебедев, но и со сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови.