Здруженија за заштита на животните и бројни активисти денеска протестираа пред Владата по повод последниот настан што се случи во Струга, каде беа убиени десетина кучиња скитници. Тие бараат од институциите да работат на проблемот со бездомните животни во интерес на заштита на животните, но и на луѓето.
– Ние не сакаме да има напади на граѓани од страна на кучиња! Не сакаме ниту да има бездомни животни по улиците! Токму затоа бараме поддршка да се избориме сите заедно и да извршиме притисок, институциите да започнат еднаш засекогаш да работат на овој проблем. Сите општини, сите градоначалници, сите пратеници се платени од нашиот данок и време е да започнат со работа. Секоја една општина има буџет за решавање на проблемот со бездомните кучиња, а каде завршуваат тие пари никој не знае, изјави Наталија Малзаркова од Здружението „Шепасти ентузијасти“.
За да не дојде до нови напади на граѓани од кучиња, убиства и расфрлани отрови од кои може да настрадаат и луѓе, Малзаркова рече дека до надлежните институции, ги поставуваат следните барања и додаде дека се надеваат дека ќе бидат разгледани заедно со нив.
– Обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територијата на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците; задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – глоба од 80 евра првиот пат и 180 евра доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата; како и зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело што ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво (испуштање миленици на улици, фрлање легла од мали кутриња и сл.) и за нечипирани миленици, се дел од барањата.
Малзаркова рече дека бараат и зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици бидејќи моментната глоба од 30, односно од 15 евра, само ги стимулира луѓето да ги напуштаат своите миленици, со што се зголемува бројот на бездомни кучиња.
– Забрана и казни за оплодување на домашните миленици, освен за легално регистрираните одгледувачници; ангажирање локални инспектори или формирање посебно тело, Animal Police, кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица бидејќи секојдневно се соочуваме со нови и нови кутриња, кои како партали се фрлаат пред контејнерите. Сите тие понатаму стануваат бездомни кучиња доколку не ги преземат здруженијата и љубителите!, се исто така дел од барањата.
Според Малзаркова, проблемот се решава од две страни и тоа со строго санкционирање на неодговорните сопственици на миленици, од каде почнува проблемот и сериозен ангажман од надлежните за справување со постојните кучиња кои ги има по улиците, на хуман и цивилизиран начин, како што доликува на една држава која претендира да биде демократска.
Протестот е организиран од здруженијата за заштита на животните: Хепи Шелтер – Скопје, Нала Рескју, Анима Мунди, Кане Корзо, Здружение на активисти за заштита на животните (ААПЖ), Анимал Воис, Шепасти Ентузијасти Скопје, Арк Анималис Битола, Срце за животните Тиквеш – Кавадарци, Спаси живот Штип, Шепи 2021 Кавадарци, Ива Лавс Петс Скопје и Здружение Ангел кетс, а учествуваа и педесетина љубители и активисти за правата на животните.