Д-р Драган ДАНИЛОВСКИ

Вчера осамна информација дека во Гевгелија е изолирана подваријантата на Омикрон, XBB.1.5, популарно наречена „Кракен“ (по митското чудовиште со повеќе пипала – џиновски октопод или сипа – од шведската митологија), заради својата висока заразност.

Попладнето, наеднаш, бев опсипан со обраќања од загрижени граѓани, кои ми бараа објаснување за вознемирувачката вест што ја прочитале во некои портали. Таа гласи:

„Значи, состојбата во првите денови е слична како кога ќе фатиме грип или кога ќе настинеме. Сепак, во наредните денови ситуацијата почнува брзо да се комплицира и на скоро сите заразени лица на крајот им е потребна хоспитализација.”

Останав запрепастен! Првиот дел е точен, дека симптомите на кракен се слични како кај грип или настинка. Вториот е лага!

Вистината е дека САМО кај стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница. Исто како кај досегашните соеви на омикрон. А не кај „скоро сите заразени лица“, како што стои во написот.
Очигледно е дека не се работи за случаен пропуст. Очигледно е дека се работи за намера да се објави сензационалистичка „информација“.

Јас уште на 13 јануари во Дневникот на МТВ изјавив дека „кракен“, иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми. Дека короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане, но дека, наспроти тоа, со пандемијата е завршено.

Короната ќе остане во истото „друштво“ со причинителите на настинките и грипот.

Инаку, уште одамна (кога беше актуелен сојот делта) објаснував дека еволуцијата на короната неизбежно ќе се движи во насока на јавување на соеви, кои се позаразни од претходните, но кои истовремено ќе предизвикуваат поблаги симптоми. Сведоци сме дека тоа се остварува.
Апелирам до граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот и да не веруваат на несериозни портали.

Единствено останува препораката, тие што ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т.н. респираторен бонтон. Тоа подразбира да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да си останат дома.

Исто така, мудро би било, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да одлучат да се вакцинираат и против корона и против грип. Зашто, во ек е сезоната и на грипот. И толку.