Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во коментар на најавите за ново парламентарно мнозинство на власта наведе дека „со закани и уцени се притискаат пратеници во Парламентот“ и оти со секој поминат ден, пред се, СДСМ губат по еден пратеник.

-Нема да влезам во трката во којашто се влезени полусветот управуван од раководството на ДУИ и СДСМ коишто со закани и уцени ги притиска пратениците во Парламентот. Со секој еден изминат ден тие губат еден пратеник, тука пред се зборувам на СДСМ. Колку побргу заминат толку помалку пеколен ќе биде нивниот крај. Колку подолго останат таму и колку подолго се вовлечени во криминал и корупција толку попеколен ќе биде нивниот крај, изјави денеска Мицкоски, во одговор на новинарско прашање при посетата на Општина Кисела Вода.

За ставот на премиерот Димитар Ковачевски „дека не гледа проблем во тоа дека граѓаните не се прашани за уставните измени“, Мицоски  посочи дека „премиерот не излегол на избори, а откако е поставен државата продлжила да тоне“,

-Што очекувате од човек кој е поставен, излегол и не излегол на избори да ги праша граѓаните, да стегне рака, да ги погледне во очи? Тој човек не беше избран, ставен таму, една година помина еве откако е таму, кажете ми што се случи, дали имаме нешто што се подобри во државата. Сосема спротивно, државата продлжи да тоне и да се враќа назад. Менталната матрица на тој човек и на тие луѓе се такви, тие се назначени, не бирани, затоа што кога би сакале да бидат бирани, а генерал се станува во војна, во битка, тогаш треба да излезе на мегдан да видиме колку тежи и тогаш граѓаните ќе оценат дали тој треба да биде таму или не. Така што, јас од него, од  таа ментална матрица, буквално не очекувам ништо.

Мицкоски во коментар на последните случувања со Бугарија денеска изјави дека предупредувале на ваквите случувања, како резултат на отстапките што ги направила нашата Влада. Другата страна, според него, влегува во т.н. конфликт, кој тој би го ставил на ниво на студена војна. Згрозен сум, вели Мицкоски, и очекува што е можно поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори.

-Ова што го гледам е нешто на кое предупредувавме дека ќе се случува. Она што вознемирува е фактот дека оваа Влада и покрај сите отстапки и покрај се што беше побарано од неа, практично се отстапи, се потпиша, во интерес на зачувување на своите лични фотелји, гледаме дека другата страна влегува во еден т.н. конфликт кој би го ставил на ниво на студена војна, бидејќи колку што разбрав амбасадорот на нашиот источен сосед не е во државава, односно го задржале таму и не е дојден тука каде треба да ја извршува својата амбасадорска позиција, а тоа властите во Софија го правдаат како револт поради оној настан кој се случил во Охрид, изјави Мицкоски на новинарско прашање по посетата на Спортско рекреативниот центар во Драчево.

Според него ова се случува бидејќи едната страна само попуштала, а другата, односно Бугарија практично добива се и смета дека е нејзино природно право да добие се што ќе побара.

– На тоа предупредувавме, но за жал имаме политички аналфабети, криминалци и корумпирани политичари, кои буквално за да ги задржат своите позиции и да добијат уште некој тендер во четири очи се подготвени се да проголтаат, но на товар на македонскиот народ, идентитет и граѓани. Гледате дека тие функционионираат како аналитичари, и Владата и Стево Пендаровски, седат и прават анализа, па ќе го слушенете Пендаровски дека ова е некаков заговор, некави тајни служби, надворешни влијанија и фактори за дестабилизација на Македонија, а притоа ниту едните ниту другите по состанокот не излегоа да кажат кои се тие странски служби и фактори на влијание и луѓе кои сакаат да ја дестабилизираат државата, рече Мицкоски.

Тој истакна дека најпрво се излегло со тезата за прогласување персона нон грата, а потоа се повлекле. – Што чекаат? Да дојде 4 февруари, па да се случат инциденти, па тие луѓе да предизвикаат и да провоцираат од маргинални политичари. Од буквално естрадни политичари претворија сега политички тешкаши со овие пинг-понг изјави коишто се случија сега во јавноста. Овој Џамбаз како се викаше овој европскиот политичар, како му беше презимето од што не знае што да направи повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен повеќе на темата – Мрази ги и навредувај ги Македонците, мрази ја Македонија итн. Со тоа не направија буквално ништо,  рече Мицкоски.

Според Мицкоски ова однесување на власта е резултат на, како што рече, „нивната огромна корумпираност и заштита на криминалот за да останат позициите и се подготвени да го жртвуваат народот и неговата иднина“.

-Јас сум навистина згрозен и очекувам час поскоро да излеземе на предвремени парламентарни избори, да може народот да гласно да зборува, а јас сум убеден во тој резултат и во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ќе ја обезбеди ВМРО-ДПМНЕ. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача, но не и невозможна да ги исправи сите грешки која што оваа криминална и корумпирана Влада на ДУИ поддржана од СДСМ ги направи, изјави Мицксоки.