Актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која како пратеничка се „прослави“ со скафандер против ширење Ковид-19 во Собранието, за време на годишната конференција „Година на нови можности“, спомена дел од одбележувањата на значајни јубилеи оваа година, кои ќе бидат поддржани од Министерството.
-2023-та година е година посветена на исклучителниот Ацо Шопов, како и година во која одбележуваме 120 години од Илинденското востание, 120 години од смртта на нашите револуционери Гоце Делчев и Питу Гули. 120 години од објавувањето на книгата „За македонските работи“ на Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Во 2023-та се навршуваат 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. 30 години од смртта на Блаже Конески. 120 години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски, информира Костадиновска Стојчевска.
Таа додаде дека се одбележуваат и 80 години од првиот час на македонски наставен јазик во училиштето во Подвис, кичевско, 80 години од Второто заседание на АВНОЈ и исто толку години од формирањето на Иницијативниот одбор за заседанието на АСНОМ, како и 30 години од нашиот прием, како самостојна држава, во Обединетите Нации.
-Има уште многу годишнини кои културните установи и центри низ државата достојно ќе ги одбележат во оваа 2023-та година. Имаме минато со кое се гордееме, имаме длабоки корени кои само заедно можеме да ги сочуваме. Во мудроста е нашиот бедем, а во културата, нашата потпора, потенцира министерката.
Таа исто така кажа дека во Давос, земјата стана дел од Алијансата за Баукултур, за вмрежување на соработката на јавниот со приватниот и со граѓанскиот сектор. За оваа програма Костадиновска Стојчевска кажа дека на неа се гледа како на шанса да се поправи она што може да се поправи.
-Во тој контекст, на шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, Скопје мора да доживее т.н.„Ослободување“ од стиропорот и невкусот на Скопје 2014-та. Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028-ма година, истакна министерката.