Украинскиот премиер Денис Шмигал е поголем оптимист отколку македонскиот Димитар Ковачевски кога станува збор за евроинтеграциите, односно за полноправно членство на Украина и Македонија во ЕУ.

И двајцата премиери денеска најавија забрзан од кон ЕУ, со таа разлика што Шмигал верува дека Украина ќе влезе во ЕУ за две години, а Ковачевски смета дека Македонија ќе стане членка на Унитата по 7 години.

– Во оваа, 2023 година, ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, РС Македонија да стане членка на ЕУ. Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома, истакна денеска премиерот Ковачевски во својот говор на дводневната конференција организирана од Владата.

Украинскиот премиер Шмигал, пак, има двегодишен графикон за обезбедување членство на неговата земја во ЕУ. Тоа, како што пишува Политико, сигурно ќе доминира во дискусиите на овонеделниот историски самит ЕУ-Украина, првиот што ќе се одржи на украинска територија.

– Имаме многу амбициозен план за влез во ЕУ во следните две години. Значи, очекуваме дека оваа година, во 2023 година, веќе ќе можеме да ја одржиме оваа прелиминарна фаза од пристапните преговори, изјави Шмигал за Политико.

Времето ќе покаже кој од двајцата премиери е поголем оптимист или пак и двацата се преголеми оптимисти.

(Д.Г.)