Се гордеам со нашите кадри со кои одлучно се бориме против криминалот и корупцијата, изјави вечерва лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со членови и симпатизери на партијата од гостиварско Врапчиште.
– Посветени сме на мир, стабилност, безбедност, ветинг, благосостојба. Во гласањето треба да се вклучат сите политичари, без разлика дали е голема или мала партија, да видиме како се и како биле овие политичари, сите без исклучок! Слушаме обвинувања и клевети за кражби, но јас не се занимавам со празни изговори. Посветени сме на обединување на политиките во државата, затоа што сега е решавачкиот момент за единство и заеднички јазик, сега е моментот за проевропскиот фронт, рече Ахмети.
Имаме, додаде тој, уште многу работа, бидејќи само така ќе се приближиме до Европа.
– Така се постигнува подобар стандард и се запира миграцијата и луѓето остануваат и се враќаат во својата земја. Да ги обединиме сите Албанци, да го направиме проевропскиот фронт, да ги повикаме нашите македонски сограѓани и да ја водиме оваа земја кон ЕУ. Со НАТО добивме многу, имаме безбедност во државата и еднакви сме со сите земји членки. Се бориме против криминалот, корупцијата, поделбите, затоа што работевме и ќе работиме за единство и зближување околу заедничката платформа, за новите генерации, затоа што на нивни плеќи се креваат други генерации. Се гордеам со нашите кадри секаде каде што се претставуваат, затоа мора да инвестираме во квалитетни кадри, додаде лидерот на ДУИ.