Пристапот на Твитер во Турција денеска се нормализира, откако корисниците пријавија дека не можат да пристапат на страницата за социјално вмрежување по смртоносниот земјотрес во понеделникот, соопшти компанијата за мониторинг на интернет Нетблокс, пренесе Си-Ен-Ен.

„Обновувањето доаѓа откако турските власти одржаа состанок со Твитер за да ја потсетат компанијата на нејзините обврски во врска со отстранувањето на содржината и дезинформациите“, објави Нетблокс на Твитер.

По извештаите дека пристапот до Твитер е ограничен во Турција, некои корисници побараа помош до извршниот директор на компанијата, Илон Маск.

Во твитот од вчера, Маск рече дека турската влада му кажала дека блокадата на платформата ќе биде укината.

Турците по земјотресот најмногу се огласија на Твитер за да објават информации за најблиските до кои не можеа да стигнат, извештаи за урнати згради во областа и координација за помош.