Дарко ЈАНЕВСКИ
Излегувам од продавница. Торбите ми се до половина полни и нив не ги интересира владиното тврдење дека инфлацијата е 17 отсто. Гледам полутажно во нив (тоа „полутажно“ е лага, треба да стои „плачливо“, но, нели голем маж сум), а тие велат дека инфлацијата е 50, ако не и повеќе од 50 отсто. Сиромашниот живот со секој ден станува уште посиромашен, освен за малата група богаташи кои секој ден се се’ повеќе богати. Наоколу владее криминалот и корупцијата, но тоа касите во маркетите не го признаваат како олеснителна околност. Олеснителна околност има само за Даравелски, кој 20 години седеше во Белград по свој ќејф, а не затоа што знаел дека овде е осуден. Така вели судот. Но, битно е вие да не заборавите да ја скенирате фискалната, оти сметката е со иста сума како и порано. Само што на нејзе има за половина помалку производи отколку до пред само една година. И повторно, не заборавете дека после три месеци имате шанса да добиете 2 100 денари. Што само по себе е причина да гледате на животот со весели очи. И со тие пари да направите една забава на која ќе го славите вашиот убав живот во земјата која блеска.
Што значи, полупразните торби не се причина за депресија. На пат сте за ЕУ и тоа ви ја полни душата. Некако не ви е јасно зошто го сменивме името кога живееме посиромашно, но и тоа можете да го гледате од светлата страна – до вчера сте мислеле дека сме како проститутка, зашто сме го дале името за пари, а денес ви е јасно дека не сме тоа, зашто ние сме го дале името за без пари, што би требало да значи дека сме ја зачувале честа.
Но, од друга страна, каква е таа чест ако сте го дале своето име, името на вашите родители, дедовци и баби и згора на се, за тоа не сте добиле ништо. Значи не сме ни проститутка, но не сме го зачувале ни образот. За што, ќе признаете потребна е голема умешност. А можевме фино да си направиме излози налик на тие во Амстердам, да ги избричиме влакната, да си ги облечеме тангите и да седнеме во нив.
Потоа сфаќате дека смената на името, додека ние ја разрешуваме дилемата дали сме проститутка или не, една група луѓе добро ја наплатила. Некој со 40 000 долари за ќеркичката, друг со плантажи марихуана, трет преку фирмите за увоз на струја, четврт преку едно евро за црквата на Наум, а едно за Вицето, петти преку… И конечно ви станува јасно дека ние сме всушност продадени, дека сме проститутка, а парите за тоа ги зел макрото. Ние сме останале со полно преносливата болест и со полупразните торби од маркет кои требаше барем да бидат наполнети до врв. Така ни велеа амебите, дека името немало да ни ги плаќа сметките. И беа во право. Северна навистина не ни ги плаќа сметките. Барем нам, сиромашните.
Сепак, на празните торби може да се гледа и од посветлата страна. Тие не отргнуваат од материјалното и не водат кон духовното. Еве прашајте во Синодот на „Православата црква на Северна Македонија“ – која некогаш беше МПЦ-ОА, пред да стане ќерка на БПЦ, а потоа и на СПЦ – значи прашајте во Синодот на таа инстутуција што се нарекува црква, што е побитно – да имаш џип или коњска кола? Одговорот го знаете нели? Коњите отсекогаш биле благородни животни. Посебно ако ги имаш во некоја машина која има стотици од нив. Само кој колку се разбира од коњи. Мали нешта, за големите мајстори. велеше една стара реклама! Јас би рекол – мали нешта за големите шиткачи. На држава, на црква… на се што ќе дојде под рака…!
Но како што реков, ништо од ова не е причина за депресија. Како ни тоа што „Трикафта“ уште нема, лекарите не зеле плата ни на 15-ти од месецот, оти системот на Фондот отишол во мајчината, за рецепти се чека по три дена заради истиот систем, но по ѓаволите, мора ли секогаш да се оди на лекар и да се земаат рецепти? Што ќе ви се антибиотици кога при рака ги имате старите рецепти за лечење со оцет или ракија! Вратете се малку кон природата како што правеле нашите баби и ќе видите како за час ќе пркнете. Освен ако не ви треба Трикафта за која со денови се чекаат законски измени кои, за честење со една пица, можеа за неколку часа да ги стокмат двајца студенти по право од прва година.
Се разбира, тоа не е главна тема во државата. Главна тема е новата Владата на Таче која ќе биде иста катастрофа како и оваа досега, освен што од нејзе се исфрлени како партали „Европјаните“ на Гаши чие име не го ни знаеме и Тупанчевски кој ја имаше честа со ова исфрлање од Владата да дознае како му е на душата на секој фрлен презерватив по употреба.
На нивно место доаѓаат пулените на Таравари, кој до вчера беше комита, рамо до рамо со Гоце Делчев и Питу Гули, а откако се доселил во Тафталиџе во новата куќа за која тој поим нема, туку жена му, стана дел од комуњарите. Каде впрочем веќе припаѓаше таму некаде во 2017 година. Што е доказ дека како главен комита на Гостивар добро му одело. И е патоказ каква жена треба да си одберете. Во секој случај, не како оние кои по цел ден си ги лакираат ноктите.
Но, не треба да му завидувате на човекот. Воопшто не е лесно да се има куќа од 250 квадрати и да се плаќаат сметките за нејзе, посебно ако тоа не го прави Северна. А кој знае, можеби заради сметките за куќата, од комита, Таравари стана комуњар.
Што е вредно за докторска дисертација – „Како сметките за куќа од 250 квадрати во Тафталиџе влијале на евроинтеграциите на Северна“. Зашто настрана моите злобни забелешки, Таравари влезе во Владата на Таче само заради ЕУ. Како што и Гаши заради ЕУ влезе и излезе од Владата. Прашањето за двајцата е: А имате ли воопшто поим што е тоа ЕУ? И зошто не сте на некој фронт во Украина наспроти Русите, туку тука солите памет?
Повторно гледам во полупразните торби. И не знам зошто, гледајќи во нив, на памет ми паѓаат селанчето од Муртино и неговите т.н. новинари кои пред некој ден протестираа, а кои од дебелото месо си гризеа додека не го донесоа на власт. Што на крај заврши со некој протест, кој нзае за што, зашто и тие самите не знаат. Ама за муртинецот ми беше мубаетот: како ли сега живее лишен од можноста 24/7 да работи за наше добро?