Повеќе од два месеци Врховниот суд не носи одлука за вондредното преиспитување на пресудата за случајот „27 април“ и тактизира со судбината на осудените. Претседателката Беса Адеми вели дека предметот е распореден кај судија кој постапува, но и по два месеци одлуката не е донесена. Без одлука на Врховен суд, осудените ги немаат искористено сите правни инстанци во земјава за во Стразбур да поднесат апликација, без притоа да не бидат одбиени со образложение дека не ги искористиле сите правни лекови. Одбраната посочува дека пред 3 месеци го добиле одговорот од Републичкото јавно обвинителство и според нив не е јасно зошто судот се уште не одлучува.
„Судот треба да одлучи што побргу, без таа пресуда, осудените не можат да се жалат во Стразбур“, вели Сашко Дуковски, одбрана во случај „27 април“
Републичкото Јавно обвинителство 4 месеци го подготвуваше негативното мислење кое го достави до Врховниот суд на почетокот на оваа година. Според обвинителството, Врховниот суд треба да го одбие барањето за преиспитувањето на одлуката, и да ја потврди правосилната пресуда. Врховниот суд може да ја потврди пресудата, да ја укине и да го врати случајот од почеток, или да ја преиначи правосилната пресуда.
На почетокот, процесот почна против 33 обвинети, но по донесувањето на Законот за амнестија во 2018 година беа помилувани 15 лица. Апелацискиот суд им ги потврди пресудите на осудените од првостепениот суд, но им ги намали затворските казни за една до две години. Вкупно за 16 осудени доделени се 188 години затвор, при што на ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, му се намали казната од 18 на 16 години затвор. Обвинетите Влатко Трајковски и Никола Митревски – Кољо се осудени на казна затвор во траење од по 14 години, обвинетите Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Мунир Пепиќ, Јане Ченто и Вилијам Михајловски на 13 години, Оливер Поповски, Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ на 11 години, Оливер Радулов на казна затвор во траење од девет години, Александар Василевски Нинџа на седум години и обвинетиот Абдуљифета Алими беше осуден на казна затвор во траење од шест години.