Синот на собранискиот претседател Талат Џафери, Барлет Џафери ја доби дипломата со која стана обвинител на денешната свеченост организирана од Академијата.

На свеченоста во салата во Врховен суд била поканета да го проследи настанот единствено државната информативна агенција МИА, објави Вечер.

Помладиот Џафери кој со месеци е во центарот на вниманието поради тоа што полагал правосудсниот испит предвреме односно без соодветна диплома за што алармираше антикорупциската комисија не сакаше да даде изјава за ТВ Телма по овој случај.

Пред идните судии и јавни обвинители говори одржаа претставници од врвот на правосудството.

Оваа генерација на академци од запишувањето во Академијата го привлече вниманието на јавноста поради звучните имиња и презимиња на деца, сопруги, снаи и други роднини на политичари, судии и јавни обвинители.

Седмата генерација ја завршија 30 кандидати за судии и 28 за јавни обвинители. По Советот на јавни обвинители, денеска оглас за вработување распиша и Судскиот совет, но и со овој оглас, како и тој за обвинителите, се отворија места за внатрешноста, а не за Скопје

Директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, им порача на идните судии и обвинители да не ги компромитираат општествените вредности и да бидат посветени на правдата дури и кога ќе се соочуваат со притисоци од надворешни сили. Државниот обвинител Јовески, пак, рече дека на оваа генерација ќе ѝ припадне честа да ги зајакне капацитетите на јавното обвинителство и судовите, а претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, им порача непристрасно да го применуваат правото, да ги унапредуваат и почитуваат човековите права и да обезбедат сите луѓе да бидат во состојба да живеат во согласност со законот

Последната, седма по ред генерација која ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, денеска ги доби уверенијата. Дипломите в раце ги зедоа вкупно 58 кандидати, а меѓу нив изминатиот период вниманието на јавноста го привлекоа неколку звучни имиња – блиски роднини на актуелни функционери.

Од нив, 30 ја завршија Академијата како кандидати за судии, додека останатите 28, пак, ќе бидат идни јавни обвинители. Меѓу идните обвинители е и Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Покрај него, на листата од 28 идни обвинители од генерацијата на Џафери се и: Албулена Абази, сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази; Јетмир Беџети, син на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети.

Меѓу идните судии од оваа седма генерација која ја заврши Академијата, како едни од најзвучните имиња се најдоа: Билјана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова; Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски; Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска; Драган Јосифовски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска, која своевремено ѝ беше заменичка на Катица Јанева во СЈО.