Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата. Од времето кога се симнав по златниот ескалатор на кулата Трамп, па дури и пред да положам заклетва како ваш претседател на САД, радикалните леви демократи – непријателот на вредните мажи и жени во оваа земја – беа вклучени во лов на вештерки за да го уништат движењето „Направи ја Америка повторно голема“, рече Трамп во обраќањето откако Големата порота на Менхетен гласаше да се покрене обвинение против него поради наводни исплати на порно глумицата Сторми Даниелс.
– Демократите лажеа, мамеа и крадеа во нивната опсесија да се обидат да го „добијат Трамп“, но сега го направија незамисливото – обвинија целосно невина личност за чин на очигледно мешање во изборите, рече Трамп.
– Никогаш досега во историјата на нашата нација тоа не било направено. Демократите мамеа безброј пати во текот на децениите, вклучително и шпионирање на мојата кампања, но никогаш порано не се случило да се искористи судскиот систем за да се казни политички противник, кој случајно е претседател на САД и водечки републикански претседателски кандидат, нагласи тој.
Поранешниот американски претседател го обвини Џорџ Сорос дека лично го избрал и го финансирал обвинителот и истакна дека тоа е срамота.
– Наместо да го запре невидениот бран на криминал што го зафати Њујорк, тој ја врши валканата работа на Бајден, игнорирајќи ги убиствата, кражбите и нападите кои треба да бидат во фокусот, рече Трамп.
Тој верува дека овој „лов на вештерки ќе му се одбие од глава на Бајден“.
– Сите можат да го видат тоа. Нашето движење и нашата партија – обединета и силна – прво ќе го победат обвинителот, а потоа ќе го победиме Бајден и ќе ги симнеме сите овие нечесни демократи од функцијата, па ќе ја направиме Америка повторно голема, заклучи Трамп.