Виолета АЧКОВСКА

На 19 април 1903 година (Велигден), се одиграла една од најголемите битки пред Илинденското востание, позната како Крвавиот Велигден. Заеднички четите предводени од војводи на ТМОРО и од Врховниот комитет воделе дводневна борба со турските вооружени сили. Во неа учествувале четите на војводите Коста Мазнејков, Христо Котруле, Никола Лефтеров, Христо Чернопеев, Ристо Стаменов и аскерот од Берово, Владимирово, Радовиш. Така се формирале 7 обрачи, наизменично револуционерни чети и турски аскер. Со оглед на тоа што во таа битка учествувале заедно и чети на ТМОРО и четата на Лефтеров (врховистички војвода), истата се вика и ГОТЕНСКО МУАРАБЕ (доаѓа од турскиот збор мераба-здраво, што значи подадена рака на четите од двете спротивставени страни, централисти и врховисти против турскиот аскер). Оваа битка е повод да се создаде едно од најубавите македонски ора – „Ратевското муарабе“, кое по тактот и музиката потсетува на „Тешкото“.