Косовската претседателка Вјоса Османи која од вчера е во официјална посета на Македонија, денеска е во посета на Општина Тетово, каде е приреден пречек поголем отколку за сите досегашни светски државници што ја посетиле Македонија.
Во пресрет на нејзината посета на Тетово, од вчера осамнаа повеќе билборди со ликот на Вјоса Османи и краток текст „Добре дојде претседателке“, сето тоа под грбот на Општина Тетово, пишува Нова Македонија.
„Ваквиот потег на локалната самоуправа наметнува неколку дилеми на кои граѓаните бараат одговор, почнувајќи од тоа чија претседателка е Османи, на што се трошат парите на тетовските даночни обврзници и дали еднаков третман имаат и другите функционери што го посетуваат Тетово, почнувајќи од македонскиот претседател Стево Пендаровски. Имено, билбордот со текст „Добре дојде претседателке“ не прецизира чија претседателка е Вјоса Османи, дали на тетовци или, пак, на соседна држава чие име воопшто не се споменува на билбордот. Во време кога постојано се наметнува албанската етничка агенда во земјава, пораката на билбордот може да добие и поинаква големодржавна конотација, особено по изјавите од типот дека „Тетово е главниот албански град во Македонија“, пишува Нова Македонија.
Втора работа на која граѓаните заслужуваат одговор е на што се трошат народните пари. Тетово со децении се соочува со проблемот со загадениот воздух, со немањето вода за пиење, градот тешко се справува и со хигиената, така што трошењето пари на билборди за добредојде во време кога граѓаните живеат во сиромаштија е крајно несериозно. Почит кон гостинката од Косово можеше да се искаже така што градот ќе беше накитен со државните македонски и косовски знамиња, со знамињата на етничките заедници, како што впрочем е вообичаениот протокол при посета на странски гости. Тоа немаше да ја чини општинската каса ниту денар, наместо да се трошат по неколку илјади евра за „умилкување“ на косовската претседателка во текот на тие неколку часа што ќе ги помине во центарот на Тетово.
Ако една Ангела Меркел, Франк-Валтер Штајнмајер, Тони Блер, Бил Клинтон, Кофи Анан, Оскар Луиџи Скалфаро, Тереза Меј и други највисоки светски државници не добија билборди за добредојде во Скопје, немаше ниту косовската претседателка да се навреди ако во Тетово беше пречекана во согласност со вообичаените протоколи.
Целиот текст може да го прочитате во Нова Македонија.