Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во … Македонија, но процесот на уставните измени е сензитивен па нема простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на нивно успешно спроведување, порачаа од македонското МНР, откако им беше забранет влез цво државата на Ковачев, Џамбаски, Врабевски и уште две лица.
Ковачев останува на ставот дека македонската страна мора да му се извини за збраната за влез во земјава, но наместо извинување доби објаснување од македонското Министерство за надворешни работи дека во групата со која патувал во Македонија имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи имало сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност.
Според МНР, за Владата приоритетно прашање е членството во ЕУ, па за таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти. Паралелно, како што велат, се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Оценката на МНР е дека сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените
„Во таа насока, на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, ‘поради неисполнување на условите за влез во Република … Македонија, согласно Законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија‘. Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во МВР има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал“, соопштија од МНР.
Оттаму сепак порачуваат дека секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Македонија.
Во меѓувреме Ковачев кој рече дека Македонија ја пречекорила црвената линија и направила огромна грешка ја доби поддршката од колегите во Европскиот парламент (ЕП). Претседателката на ЕП, Роберта Мецола ја опиша забраната за влез на Ковачев во Северна Македонија како „инцидент кој е за длабоко жалење“ и појасни дека како парламент ќе го заштитат правото на секој од нивните членови да го извршува својот мандат.
-Ќе бидам во контакт со претставниците на … Македонија за да ја разјаснам ситуацијата, вели Мецола.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји претходно на Твитер напиша дека Европската комисија го осудува одбивањето на Македонија да му дозволи на европратеникот Андреј Ковачев да влезе на нејзина територија, а одбивањето да се прими член на ЕП го оквалификува како „многу сериозна одлука“.
Прашањето во ЕП го покрена пратеникот на Европската народна партија, Мајкл Галер, кој го опиша инцидентот како „неприфатлив“ и нагласи дека Ковачев патувал со дипломатски пасош и без никакво објаснување му бил забранет пристапот на територијата на Македонија.