Победата на турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган и добивањето на уште еден мандат за претседател на Турција, синоќа беше прославена и во Скопје од припадници на турската заедница во Македонија и негови приврзаници.
Честитки за победата Ердоган доби од повеќе светски лидери, а синоќа му честиташе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Честитки за значајната и јасна победа на големиот пријател на Македонија Реџеп Таип Ердоган. Посакувам успешен мандат и нови достигнувања на пријателскиот турски народ и пријателска Турција, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
Во Турција вчера се одржа вториот круг од претседателските избори, а актуелниот претседател Ердоган по гласањето изјави дека ова е првпат во историјата на Турција да се одржи втор круг од изборите во таа земја. Ердоган прогласи победа во вториот круг од претседателските избори, а противник му беше Кемал Киличдароглу. Оваа победа на изборите во Турција, Ердоган влегува во третата деценија од неговото владеење.
Ердоган стана претседател на Турција во 2014 година, а пред тоа беше премиер – од 2003 година. Тој е поранешен претседател на Партијата на правдата и развојот, а претходно беше член на Партијата на благосостојбата и Партијата на доблеста, кои беа забранети поради нивните антисекуларни исламистички ставови.
Тој беше градоначалник на Истанбул од 1994 до 1998 година.
Ердоган го поминал патот од уличен продавач на ѓевреци во сиромашниот кварт Касимпаша во Истанбул, преку успешен градоначалник на најголемиот град во Европа и политички затвореник, се до прв човек на Турција, или „султанот“ како што го нарекуваат многу медиуми. Лидерот на турските конзервативци дојде од средина што во тоа време ја претставуваше прогонуваната маргина на турското општество. Студирал бизнис менаџмент и играл фудбал полупрофесионално. Беше толку талентиран што Фенербахче му понуди професионален договор. Неговиот татко го спречил тоа да се случи.
Тогаш започна неговата политичка кариера кога се приклучи на Националниот турски студентски сојуз, антикомунистичка акциона група. Интересно е тоа што во далечната 1974 година пишуваше, режираше и глумеше во претставата „Маскомја“ во која масонството, комунизмот и јудаизмот се претставени како зло. После тоа, во 1976 година, тој стана шеф на младинскиот огранок на исламистичката Партија за национален спас (МСП) за општина Бејоглу во Истанбул, а подоцна беше унапреден во шеф на младинскиот огранок на партијата за Истанбул.
Веќе за време на студиите стана приврзаник на политичкиот ислам. Така, во 1994 година стана првиот исламистички градоначалник на Истанбул. Тој се покажа како способен функционер. Се памети дека додека беше на чело на градот го намали загадувањето на воздухот со планирано преминување на греење на природен гас, го реши сообраќајниот метеж со изградба на педесетина мостови, вијадукти и автопати, го реши и проблемот со водоснабдувањето.
Следеа лоши денови за Ердоган во 1998 година кога беше осуден на десет месеци затвор за ширење верска омраза. За тоа беше обвинет затоа што во својот говор ги спореди џамиите со касарни, куполите со шлемови, минарињата со бајонети, а верниците со војници. По пресудата, тој поднесе оставка од функцијата градоначалник, но помина само четири месеци во затвор.
Во првите десет години од неговото владеење (2002-2012), БДП се зголеми за 64 отсто, а БДП по глава на жител за 43 отсто. Просечниот годишен раст изнесуваше неверојатни 3,6 отсто. Уште еден важен датум во кариерата на Ердоган – ноќта меѓу 15 и 16 јули 2016 година група бунтовнички офицери од дел од турската армија се обиделе да го соборат со државен удар и да доведат на власт воена хунта, но плановите пропаднаа, а Ердоган доби целосна моќ во земјата.
Повеќе странски лидери синоќа на Реџеп Таип Ердоган му ја честитаа победата во вториот круг од претседателските избори во Турција.
Францускиот претседател Емануел Макрон, освен што му честиташе на Ердоган, рече дека Франција и Турција имаат огромни предизвици кои треба заедно да ги надминат, меѓу кои и враќањето на мирот во Европа и иднината на евроатлантската алијанса.
– Му честитам на претседателот Ердоган и продолжуваме да одиме напред, рече Макрон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заложи за зајакнување на билатералните врски и соработката за безбедност и стабилност во Европа.
Честитка упати и претседателот на Русија, Владимир Путин, кој оцени дека изборниот резултат е „логичен и очигледен доказ“ за поддршката на народот за политиката на Ердоган.
Победата на Ердоган му ја честитаа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.