„Премиерот наместо да работи на гаранции за Македонија, оди по амбасади и коленичи и моли да го притискале ВМРО-ДПМНЕ, да правеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да попушти. Наместо да штити државни интереси и да бара гаранции Македонија да не биде понижена, Ковачевски оди и моли да има притисок врз нас за да го прифатиме неприфатливото“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Делчево.
„Секогаш сум бил искрен, и наспроти сите политичари познати од лошото искуство и минато на нашиот народ кои лажеле за состојбите во кои се наоѓаме, секогаш ја кажувам вистината дека да имаме сериозни притисоци за прифаќање на бугарскиот диктат. Мислат дека со повици за средби, со поединечни разговори ќе попуштат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Но, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и јас, единствено што сме должни е да го слушаме народот на Македонија“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека од власта се поклонуваат пред канцеларии и кодошат по амбасади, тоа најдобро го знаат. По линија на помал отпор за да останат на власт, поисплатливо им е да го губат достоинството и да газат по Македонија.
„Јас и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, единствено се поклонуваме и го слушаме народот. И никогаш, повторувам никогаш, нема да прифатам да се свитка кичмата на Македонија. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се со народот на Македонија и секој еден од нив, секој еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја има мојата поддршка да истрае. Да го слуша народот и да биде на страната на Македонија. Секој еден пратеник, ја има огромната поддршка од граѓаните да истрае во оваа наша битка“, порача Мицкоски.
Мицкоски додаде дека повеќе од 80 проценти од македонскиот народ е против прифаќање на бугарскиот диктат. Зарем, да се оди наспроти огромното мнозинство. Не е визионерство да се гази по мислењето на народот, туку да се води политика во насока на ставовите и гласот на народот.