Клиничкиот центар е проект што останува како приоритетен во мојот фокус. Тоа прашање бара многу подготовки. Заинтересирани се англиска и турска компанија, но и други компании, истакна министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање по повод 100 дена од стапувањето на министерската функција.
Тоа е многу добар капитален проект и треба да се среди еднаш засекогаш. Потребно е многу време за подготовка. Има многу заинтересирани групации. Заинтересирани се англиска и турска компанија и уште неколку други компании. Овој проект го презентиравме пред неколку амбасади, меѓу кои и онаа на САД. Работиме во оваа насока – појасни Меџити.
Меџити нагласи дека негов најголем предизвик и е да го спои Клинички центар Скопје. Повтори дека Информацијата е пратена до Влада, објаснувајќи дека потоа се потребни да поминат промените на Законот за здравствена заштита во Собрание.
Ние работиме на тоа и секој ден сите не уверуваат и самите пациенти и самото работење дека тоа треба час поскоро да се случи. Јас ви кажав дека и во договор со директорите на ФЗОМ имаме иста визија дека со почеток на буџетската година ќе биде најлесно за да се спојат и ова да почне да функционира – рече тој.
Околу немањето места за паркирање на Клинички центар, Меџити рече дека работат на тоа прашање и најави дека за кратко време ќе презентираат финална верзија.
На новинарско прашање дали е информиран дека заедничките служби на Клинички центар веќе два месеца немаат земено плата, министерот Меџити истакна дека тие се под ингеренции на Владата и не сакаше да коментира повеќе.
Тие се под ингеренции на Владата, а не под Министерството. За тие заеднички служби не сакам да коментирам повеќе. Јасен е мојот став за јавноста – рече тој.