Откако драстично опадна интересот кај Македонците за вадење бугарски пасош, за да можат да заминат на печалба во некоја од земјите во Европската Унија, Бугарија препозна нова можност да произведе фиктивни Бугари во Македонија, преку новите изводи со етничка графа. Фондацијата Македонија која важи за блиска до бугарските институции, упати апел преку социјалните медиуми да се вадат нови документи и посочи како побрзо да се стигне до бугарско државјанство.

„До Бугарите во Северна Македонија:
Според новиот закон можете да го обновите изводот на родените и на него пишува националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ти даде можност сигурно да добиеш бугарско државјанство, но ако на изводот ти пишува бугарско, дефинитивно треба да добиеш бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Масовно вадете изводи од С. Македонија, во кои е напишана националноста на Бугарин. Чини 250 денари.“ – Пишува фондацијата на фејсбук.

Ова следи откако министерот за правда, Кренер Лога донесе упатство кое веќе е објавено во службен весник, а со кое во изводите од матичните книги ќе има и графа за етничката припадност, односно националност. Универзитетскиот професор Борче Давитковски, за Алфа ТВ неодамна појасни дека етничката припадност е индивидуално чувство и не може да биде бирократски одредена. Според него станува збор за злоупотреба и прекршување на основното човеково право за сомоопределување, па ако биде оспорено на Уставен суд, ќе падне. Лога пак е убеден дека на ваков начин ќе се спречи злоупотребата при вработувањата во администрација.

Во последниве години намален е интересот за вадење на бугарски пасош, со оглед на посложените процедури кои значат проверка на потеклото на апликантот. По аферата со тргување со пасоши во Бугарија, Европската унија побара поголеми контроли во бугарските институции. Првообвинет во случајот беше првиот човек на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев, кој во 2021 година се најде на црната листа на САД, заедно со уште еден функционер од истата институција.