Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска изјави дека никогаш немал толкава поддршка.

„Благодарам на сите вас! Никогаш порано не сум имал толкава поддршка за ништо. Ова обвинение против поранешниот (многу успешен) претседател и водечкиот кандидат во Републиканската партија и на општите избори во 2024 година, го разбуди светот за корупцијата, скандалот и неуспехот што се случи во Соединетите Американски Држави во последните три години. “, напиша Трамп на неговата социјална мрежа „Truth Social“.

Тој рече дека Америка е нација во опаѓање, но дека повторно ќе ја направи голема, „поголема од кога било“.

„Ве сакам сите“, рече Трамп.

Специјалниот обвинител Џек Смит вчера поднесе ново обвинение против Трамп, кое се состои од четири точки во кои поранешниот претседател е обвинет за измама на САД, заговор за попречување на службените постапки (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка, како и правата за прекршување загарантирани со законите и Уставот на САД.