-Јас верувам дека Ти, Лазаре Мојсов, имаш памет и совест за да сфатиш дека без насилство и крв не може да се одржи постоечкиот општествено-економски и државен поредок на Југославија. Не прилига на Твоето искуство и разбирање на историјата да се надеваш дека со завршувањето на мандатот ќе бидеш ослободен од одговорноста за пропаста на Југославија со која неминовно пропаѓа и Твојот македонски народ. А Твојата одговорност ја зголемува и фактот дека Ти беше претседател на Сојузот на комунистите на Југославија во 1981 година кога изби големоалбанскиот бунт во Приштина а Ти, поттикнувачите, ако помнењето не ме лаже, ги виде во странски сили, непријателски располеожени спрема Југославија
Пишува: Блаже Миневски
Пред 31 година, во септември 1987 година, кога Лазар Мојсов е претседател на Претседателството на СФРЈ, српскиот писател Добрица Ќосиќ, кој почина пред четири години на 93 годишна возраст во Белград, испратил писмо до Мојсов за да му каже дека верува оти тој има „памет и совест да сфати дека без насилство и крв не може да се одржи општествено-економскиот и државен поредок на Југославија“. Во своето остро писмо до претседателот Мојсов, во кое му се обраќа на „Ти“, контроверзниот Добрица Ќосиќ, еден од најзначајните српски писатели, академик, романсиер и есеист, политички и национален теоретичар, редовен член на САНУ а подоцна и прв претседател на Сојузна Република Југославија, всушност на Србија и Црна Гора, вели дека очекува од Мојсов и неговите другари во политичкото раководство на Југославија да ја извршат „својата патриотска должност за демократски и цивилизациски препород на СФРЈ во социјалистичка насока“.
Мојсов треба да се срами што е претседател!?
Според писмото на Ќосиќ, Мојсов треба да се срами што е претседател на држава во која на Косово и Метохија продолжува геноцидот врз српскиот народ а албанскиот народ се „варваризира со шовинизам и насилство“. Само неколку години подоцна, истиот Ќосиќ беше првиот српски интелектуалец кој отворено предлагаше поделба на Косово, а токму Косово е поводот за острото писмо со кое му се обраќа на Лазар Мојсов, кој во тоа време е претседател на Претседателството на СФРЈ. Во ова свое писмо, испратено до Лазар Мојсов 10 септември 1987 година, Ќосиќ меѓу другото вели: „Не вршете одмазда над жртвите на својата политика туку менувајте ја политика; не создавајте Либан од Југославија туку овозможете темелни демократски реформи со кои народите на оваа земја единствено можат да излезат од очајот и безизлезот во спокојство и напредок“, додавајќи дека во Југославија неминовно и сè почесто ќе одекнуваат рафали на очајници.
„Јас верувам дека Ти, Лазаре Мојсов, имаш памет и совест да сфатиш дека без насилство и крв не може да се одржи постоечкиот општествено-економски и државен поредок на Југославија. Не прилега на Твоето искуство и разбирање на историјата да се надеваш дека со завршувањето на мандатот ќе бидеш ослободен од одговорност за пропаста на Југославија, со која неминовно пропаѓа и Твојот македонски народ. Се разбира, Твојата одговорност ја зголемува и фактот дека Ти беше претседател на Сојузот на комунистите на Југославија во 1981 година кога изби големоалбанскиот бунт во Приштина а Ти тогаш, поттикнувачите, ако помнењето не ме лаже, ги виде во странски сили, непријателски расположени спрема Југославија. Ти беше беше претседател на СКЈ кога ни раководството на СКЈ, ни југословенската влада, ни Претседателството на СФРЈ, не покажаа волја, ниту морално-политичка одговорност, за судбината на земјата, ниту пак, со вистинска анализа на случувањата, презедовте соодветни мерки во врска со тоа. Со таквиот однос кон албанскиот бунт од 1981 година, политичкото раководство на Југославија, со Тебе на чело, партиципираше во настаните што следуваа, со кои се довршува прогонот на српскиот народ од Косово и Метохија а рафалите во параќинската касарна најавуваат нови несогледиви несреќи“, пишува Ќосиќ во писмото до Лазар Мојсов.
Лазар Мојсов
„Повикувајќи се на нашата генерациска младост, – продолжува Ќосиќ, – не можам да верувам дека Ти не се срамиш што си претседател на држава во која на Косово и Метохија продолжува геноцидот врз српскиот народ а албанскиот народ се варваризира со шовинизам и насилство, држава во која е можен кладишкиот „Агрокомерц“, држава во која им е неиздржливо на оние на кои во неа им е најубаво. Сепак, со остатокот на разумна надеж, сè уште очекувам од Тебе, и некои Твои другари во политичкото раководство на Југославија, дека ќе ја извршите својата патриотска должност и, исполнувајќи ја заклетвата, ќе овозможите демократски и цивилизациски препород на Југославија во социјалистичка насока“, пишува Добрица Ќосиќ во писмото до Лазар Мојсов од 1987 година.
Само две години пред тоа, академик Добрица Ќосиќ, зборувајќи за „тегобите на минатото и предизвиците на иднината“, веќе имаше побарано Српската академија на науките и уметностите да се изјасни за потребата од ангажман во врска со „општествените и национални проблеми“. Следната година истиот предлог, формулиран како потреба да се „истакнат најактуелните општествени, политички, економски, социјални, научни и културни проблеми“ на Србија, во облик на Меморандум едногласно беше прифатен од САНУ а Претседателството на Академијата во јуни 1985 година избра „Одбор за подготовка на Меморандумот за актуелните општествени прашања“, кој започнува со работа кон крајот на истата година, ангажирајќи вкупно 23 редовни и дописни челнови. Работата на овој текст се поклопува со прославата на стогодишнината САНУ на 1 ноември 1986 година, кога, само еден месец пред прославата, работата на Меморандумот е прекината со објавување на работниот материјал на таканаречениот „Меморандум на САНУ“. Сепак, САНУ подоцна во повеќе наврати преку свои соопштенеија и настапи на раководството редовно се повикуваше на Меморандумот како на документ, потсетувајќи дека всушност Академијата прва ја дефинирала српската национална програма. Токму овој Меморандум, чиј духовен тетко е Ќосиќ, беше сфатен како нова националистичка српска платформа за редефинирање на Југославија по мерка на Србија.
Во исти гробишта во Белград!
А дека во тоа има вистина зборува фактот што главниот иницијатор и ментор на меморандумот, Добрица Ќосиќ, само една година по острото писмо до Лазар Мојсов, за кое немаме документ дали и како Мојсов му одговорил, јавно го подржува претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ и неговата политичка програма, доживувајќи читателите да му ги враќаат книгите по пошта. Сепак Ќосиќ продолжува со реализација на Меморандумот, па следната 1989 година учествува во организирањето на Србите во Хрватска во Српската демократска странка а една година подоцна и во основањето на истоимената партија во БиХ на чие чело ќе застане Радован Караџиќ. Само две години подоцна, на 15 јуни 1992 година, Ќосиќ е избран за прв претседател на она што остана од Југославија, а за што „превентивно“ го напаѓаше Лазар Мојсов, но по судирот со Милошевиќ е сменет со тајно гласање во двата собори на Сојузното собрание. Смената била иницирана од Српската радикална странка на Војисалав Шешељ „поради кршење на Уставот“. Веднаш по разрешувањето, Ќосиќ преминува во опозиција и на повик на Зоран Џинџиќ зборува на протесните собири во 1996 и 1997 година. Во мај 2000 година влегува во народното движење „Отпор“, но подоцна изјавува дека тоа не би го направил да знаел дека таа организација се финансира од странство.
Според српските медиуми, академик Ќосиќ бил погребан цо саемејниот гроб, до сопругата Божица, на Новите гробишта во Белград, а од него се простила главната „политичка и културна елита на Србија“. Погребан е, по сопствена желба, без говори и почесни церемоии. Во записите на неговиот биограф Радован Поповиќ, Ќосиќ изјавува дека сè што бил, ако тоа не се книгите, не заслужува да се спомнува. Судбината сакаше Србија да се прости од него токму во деновите кога беше соочена со една од најголемите катастрофи што ја снајде во последниве дваесеттина годиниа, во време со огромни, апокалиптични поплави. Сето тоа како да ја потврди неговата мисла изречена во едно од своите интервјуа: „Мислам дека ја исполнив својата судбина. Надежта и верата се наоѓаат само во вистината“. Сега со Лазар Мојсов, кој почина неполни три години пред него, и беше погребан на истите гробишта во Белград, но во Алејата на заслужните, слободно може да расчистат дали со пропаста на Југославија пропадна и македонскиот народ, односно дали Ќосиќ бил во право кога му се лутел за дефектите на државата во чие создавање и самиот учествувал уште од партизанските денови во 1941-та година?
Последно интервју на Ќосиќ:
Мирот е единствен услов на нашето постоење.
Во своето последното интервју за еден белградскит неделник, Ќосиќ межудругото говореше за неговото последно дело „Време на смртта“ кое треба да се појави во книжарниците по повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна.само еден месец по објавувањето на интервјуто, човекот кој се сметаше за творец, односно за интелектуалец кој ги реафирмираше големосрпските идеи, го напушти овој свет. Во последното интервју тој повторно ја споменува војната, но овој пат во улога на „миротворец“.
– Нема повеќе војни за Србите. Ние не смееме повеќе да војуваме. Немаме ниту биолошки ниту патриотски потенцијал. Верувам дека мирот е единствен услов на нашето постоење. Треба да се прават компромиси ако сакате да го сочувате мирот.