Фирмите донатори на ДУИ се нивниот рудник за пари. Практично, секој министер во ДУИ си има своја фирма. И секој министер преку таа фирма си склучува тендери во четири очи. Најверојатно, внуците на функционерите на ДУИ сите се со силен претприемачки дух, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
-Овој пат таков е случајот со Бујар Османи, кој како министер за надворешни работи, на фирмата Еуровиа ДООЕЛ ќе и исплати 1,8 милиони евра, пари на граѓаните, за преадаптирање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Додека Османи вели дека токму оваа фирма понудила наисплатлива понуда на тендерот, оваа фирма се поврзува со ДУИ во неколку наврати, и тоа: Сопственик на Еуровиа ДООЕЛ е фирмата „Еуровиа Холдинг“, во која освен Елмедин, како сопственик се води и Елдин Адеми, прв човек на огранокот на ДУИ, во Јегуновце. Истата оваа фирма Еуровиа, која е на Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер на ДУИ, Абдулаќим Адеми, добила други тендери во вредност од два милиони евра, еден за изградба на новата полициска станица во Аеродром, вториот за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза”. Понатаму, доста интересен е фактот што токму оваа фирма се јавува како најголем донатор на ДУИ. Имено, од страна на Елмедин Адеми како донација добила 2.500.000 денари, што е три пати над законскиот лимит за донација од физичко лице, а воедно „Еуровиа“ како правно лице, на ДУИ има донирано 1.800.000 денари, во 2022-ра година. Овие сознанија отвараат сомнеж за сериозна злоупотреба на службената положба. Во интерес на јавноста Бујар Османи е должен да ја презентира пред јавноста целокупната тендерска документација, да одговори по кои критериуми е направен тендерот и избрана токму оваа фирма и кои се обврските и услугите кои треба да ги преземе фирмата за тендер во вредност од 1,8 милиони евра. Но, епилогот и за ова како и за сите други афери поврзани со ДУИ во овој момент ќе виде ист – без никаква разрешница ниту покрената постапка од ЈО затоа што токму власта на СДС и на самите ДУИ е таа која ова го овозможува, а потоа не го санкционира туку го штити, истакна Митева.
Османи и ДУИ треба да бидат свесни дека ваквите сомнителни тендери ќе бидат први за ревизија и одговорност ќе има, додаде Митева.