Припадници на ерменската и американската армија следната недела ќе одржат заеднички воени вежби во Ерменија, соопшти денеска ерменското Министерство за одбрана.

– Како дел од подготовките за учество во меѓународните мировни мисии, од 11 до 20 септември во Ерменија ќе се одржи заедничка вежба меѓу Ерменија и САД „Орел партнер 2023“, се наведува во соопштението.

Министерството посочува дека целта на вежбата е зголемување на интероперабилноста на единицата што учествува во меѓународни мировни мисии, размена на најдобри практики во контролата и тактичката комуникација, како и зголемување на подготвеноста на ерменската единица за планираната евалуација од програмата на НАТО „Партнерство за мир“.