Американскиот претседател Џо Бајден изјави синоќа дека е загрижен дека републиканските спорови во Конгресот би можеле да и наштетат на помошта за Украина и вети дека наскоро ќе одржи говор во кој ќе објасни зошто САД треба да продолжат да ја поддржуваат Украина.
Запрашан дали е загрижен дека САД нема да можат да ја достават помошта што ја ветија на Украина поради превирањата на Капитол Хил, Бајден одговори: „Тоа ме загрижува… но знам дека мнозинството членови на Претставничкиот дом и Сенатот во двете партии рекоа дека го поддржуваат финансирањето на Украина“.
Бајден рече и дека ќе одржи голем говор за тоа, во кој ќе истакне зошто е клучно за САД и нивните сојузници да ги задржат своите обврски кон Украина.
Претседателот рече дека постои уште еден начин што САД би можеле да го користат за финансирање на Украина, покрај траншите од помошта одобрени од Конгресот.
„Постои и друг начин на кој можеме да најдеме финансирање за тоа“, рече Бајден, одбивајќи да образложи за што се работи, а Белата куќа одби да даде детали.