Темата за уставните измени е затворена. Не постои аргумент што сум го слушнал од домашната политичка сцена и од меѓународната заедница, кој ќе не разубеди во спротивното, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Кога станува збор за уставните измени под овие услови, кои ние ги нарековме бугарски диктат, ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група не го прават тоа затоа што се инаетливи и затоа што имаме намера да ја опструираме Владата. Не постои аргумент што сум го слушнал без разлика дали е од домашната политичка сцена или од меѓународната заедница кој ќе не разубеди, истакна Мицкоски на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Тезата дека со недонесувањето на уставните измени за првпат сами ќе се блокираме на европскиот пат, Мицкоски ја оцени како глупост и лудост.

– Тоа е лудост и глупост, затоа што тој којшто го прифатил овој договор без да се консултира со главната политичка опција во државата и со народот си ставил вето самиот на себе бидејќи сега не може тоа да го испорача, а тоа е триото Пендаровски – Ковачевски – Османи. Кога тие го прифатиле ова без да направат поширока консултација, тогаш направиле клучна политичка грешка, затоа што прифатиле нешто што не можат да исполнат, рече Мицкоски.

Во однос на Бугарија, Мицкоски вели дека таа мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница да покаже дека навистина сака да ја види земјава како дел од себе.

– Бугарија мора да покаже добра волја, а меѓународната заедница дека вистински сака да ја види Македонија како дел од себе после се што направи како лојален сојузник на ЕУ откажувајќи се од многу национални атрибути кои начнаа во македонскиот идентитет што ниту една земја членка претходно го нема направено. Не може никој да ме убеди дека не постои начин Бугарија да покаже добра волја. Со мал укор дека нема да има едноставен структурен пристап до европските фондови, мислам дека поинаку ќе разговара на оваа тема, рече Мицкоски.

Според него, доколку Бугарија не почитува одлуки на европски институции како што е Европскиот суд за човекови права каде има правосилни пресуди за Македонците во Бугарија, тогаш која е гаранцијата дека на самата ратификација на Протоколот нема да добиеме повторно вето.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе инсистира на лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски бидејќи државата се наоѓа пред два важни изборни процеси – претседателските и парламентраните избори.

– Се наоѓаме на помалку од шест месеци од изборен процес. Ова не се случило никогаш порано да нема комуникација за тоа што правиме бидејќи имаме два значајни изборни процеси што за неколку месеци од денес ќе ни се случат. Нема ниту лидерска средба да разговараме за датуми, нема разговори што значи адаптирање на Изборниот законик. Никој не се сети да испрати покана до набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР во услови кога Македонија е пред два значајни изборни процеси, рече Мицкоски.

Во однос на Законот за амнестија, Мицкоски повтори дека остануваат на ставот да го блокираат донесувањето на законот со сите можности што им ги нуди Деловникот за работа во Парламентот, а доколку законот биде предложен со европско знаменце дека ќе ја напуштат работата на Собранието.