Граѓаните се соочуваат со застрашувачко осиромашување и пад на стандардот. Во Македонија секојдневните трошоци се за 4 пати повеќе поскапени отколку што поскапеле во Европската Унија. За кратко време инфлацијата изеде третина од платите, а со новите покачувања на ДДВ од 5 на 10% на основни прехранбени производи уште повеќе ќе удрат по џебот на народот. Затоа граѓаните се повеќе се откажуваат од тоа да купуваат нешто кое порано го купувале, или се одлучуваат да купуваат само на парче, наместо на кило, или да купуваат бајати производи за да заштедат некој денар, велат во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
За да се покрие буџетската дупка поскапеа лековите, витамините, детската храна, конзервираните производи, цвекло, брашно, чај, урда, сирење, кашкавал, зденки, замрзнати теста, феферони и други производи , само затоа што власта на СДС и ДУИ тоа го смета за луксуз.
Погрешните политики и алчноста на оваа влада го одраа народот и донесоа живот на рати.
Не е ни чудо што проекциите се дека до крајот на годината околу 600 илјади граѓани ќе живеат во сиромаштија, а од нив 80 илјади граѓани само со 60 денари дневно. Еден сиромашен граѓанин со 60 денари на ден не може да купи ни два леба, ама затоа во владиното бифе министрите со 2000 евра плата се хранат со тостови од 70 денари и готвени јадења од 100-тина денари. Социјалните случаи преку повисоко ДДВ ќе го полнат буџетот, за власта да се храни по повластени цени со сланина и бифтеци.
Оваа власт на ДУИ и СДС мора да замине за ова безумие да престане, стои во соопштението на партијата.