Независниот синдикат на здравствените работници и административно техничкиот персонал денеска во Скопје и неколку градови од внатрешноста организираше протест на членството во знак на незадоволство од висината на платите.
Тие бараат покачување на платите за 30 отсто, четири проценти инфективен додаток, бенефициран стаж за целото здравство, како и промена на колективниот договор, бидејќи како што го кажа претседателот на Независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, во постоечкиот колективен договор има доста неправилности кои треба да се изменат.
-Имавме средба во Министерство за здравство со шефот на кабинет, меѓутоа со нив не можевме да постигнеме договор затоа што не зависи од нив покачувањето на платите, туку од Министерството за финансии. Во овој момент Министерството за здравство располага со многу помал буџет, за разлика од изминатите години, затоа не можеме да ги имаме ниту тие покачувања кои требаше да ги имаме до сега. Во буџетот на здравство нема пари, но има во централниот буџет. Ние гледаме дека овие наши функционери сакаат на некој начин да го смират народот, со најавата дека ќе ги намалат коефициентите на нивните плати, а тоа ќе трае до јануари месец, кога ќе го имаат покачувањето од 300 до 500 евра, фактички тоа нивно покачување ќе биде намалено и тие ќе си останат на истите овие плати кои што ги имаат сега, рече Костовски.
За следниот чекор Синдикатот ќе расправа дополнително, вели Костовски, но како што рече можна е радикализација на протестите.
-Треба сега во овој момент да ги повикам приватните здравствени установи, односно матичните лекари, да прекинат да даваат упати, без разлика за каде, освен на оние што се со кардиоваскуларни заболувања, онколошки заболувања или дијабетичари, но што ќе стане после? Изгледа единствен начин е тој, бидејќи со оваа Влада не гледам друг спас, рече Костовски.
Здравствените работници протестираат во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево.