Првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, во својство на претставници на Унијата, денеска во Вашингтон ќе се сретнат со американскиот претседател Џо Бајден во рамки на 27-от Самит ЕУ-САД, кој ќе биде можност да се разговара за трансатлантското партнерство и за повеќе области на билатерална соработка.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на овој втор Самит откако Бајден е американски претседател, лидерите ќе ја разгледаат соработката меѓу САД и ЕУ во заедничката посветеност за поддршка на Украина во одбраната на нејзиниот суверенитет од руската агресија, како и последиците од терористичките напади на Хамас врз Израел.
– Лидерите ќе ги унапредат напорите на САД и ЕУ за забрзување на глобалната економија на чиста енергија заснована на сигурни флексибилни синџири на снабдување и ќе ја продолжат соработката во критичните и новите технологии, вклучително и дигиталната инфраструктура и вештачката интелигенција, се наведува во најавата за средбата.
Покрај ова, лидерите на САД и ЕУ ќе ги разгледаат и заедничките активности за зајакнување на економската отпорност и за справување со предизвици поврзани со неа. Конкретно, се очекува да биде постигнат напредок во билатералните преговори за Глобалниот аранжман за челикот (ГСА) и за Договорот за критични минерали (ЦМА).
– ЕУ и САД се блиски партнери со исти ставови, кои споделуваат посветеност на меѓународниот поредок заснован на правила, ефективен мултилатерализам и на демократски вредности. ЕУ и САД покажаа заедничко лидерство во нивната поддршка на Украина по руската агресивна војна, се додава во најавата за средбата на врвот.
Во состав на делегацијата на Унијата на Самитот ќе бидат и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, извршниот потпретседател на ЕК за економија во интерес на луѓето и еврокомесар за трговија Валдис Домбровскис, како и потпретседателката на Еврокомисијата за вредности и транспарентност Вера Јоурова.
Во пресрет на денешниот самит, синоќа Фон дер Лајен одржа предавање во Институтот „Хадсон“, посветен на „обновеното трансатлантско партнерство во турбулентните времиња“.
Дополнително, за време на престојот во Вашингтон, Домбровскис ќе се сретне со трговската претставничка на САД, Кетрин Таи и со американската секретарка за трговија Џина Рајмондо, а ќе има и серија состаноци во Сенатот.
Претходниот Самит ЕУ-САД се одржа во Брисел на 15 јуни 2021 година и на него лидерите усвоија Декларација за соработката меѓу двете страни во ерата по ковид пандемијата.