Претседателот на парламентарната комисија за интеграција во албанскиот законодавен дом, демократот Генц Поло, објавувајќи ги заклучоците од Советот за асоцијација и стабилизација, оцени дека Албанија не забележала ни најмал напредок за почеток на преговорите со Европската унија.
– Кој тврди дека вчера во Брисел, во Советот за стабилизација и асоцијација Владата на Рама добила пофалба од Европската комисија. Ја чувме само изјавата на Бушати, но не и изјавата на Советот, каде што европската страна беше предводена од високата претставничка Могерини, наведе Поло.
Тој прави споредба на изјавата на Могерини од 15 ноември минатата година кога таа истакна дека „очекуваат одлучни чекори против криминалот и корупцијата и успешни резултати против марихуната“ и на она што е кажано на вчерашната средба во Брисел.
ЕУ, посочи Поло, ја повтори критичната потреба за постигнување видливи резултати во борбата против корупцијата на сите нивоа и во борбата против организираниот криминал, посебно против одгледувањето и трговијата со дрога.
– Контрастот е јасен. Во 2017 година се зборува за марихуана, а сега за дрога, значи и други видови наркотици, вклучително и кокаин, а да не зборуваме и за потребата од посакуваните резултатите во борбата против корупцијата на сите нивоа, истакна Поло.
Според него ова е повеќе од потврда дека актуелната Влада „станува се поголема пречка“ за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Во Брисел вчера одржана беше десеттата средба на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Албанија и ЕУ, по што како што беше пренесено од страна на албанските меидуми, ЕУ ја повторила потребата Албанија да ја продлабочи моментната динамика во реформите, да го консолидира напредокот во до сега реализираните судски реформи, посебно преку процесот на проверка на потеклото на имотот на судиите и обвинителите и нивна вмешаност во криминални активности.
ЕУ ги позрдавила и големите полициски акции спроведени во Албанија во борбата против организираниот криминал и побарала да се зајакнат напорите за конфискација на имотот стекнат преку криминални активности.