Не чувствувам морална одговорност, никој не ме штител оти не сум член на ниту една партија, а совеста ме натера да набавувам лекови на реверс за никој да не остане без лек.

Вака, според Канал 5, може да се сумира тричасовното сведочење на екс директорот на Клиниката Нино Васев кој реферираше пред Анкетната собраниска комисија за скандалот „Онкологија“. Тој пред пратениците кажа дека за препродажби на лекови немал сознанија, смета дека на Онкологија има афера и скандал, но не и дека некој давал физиолошки раствор наместо терапија. За КАТО системот пак рече дека 15 сестри му се пожалиле дека им е загрозено здравјето поради тоа што немало комора за деконтаминација, а и една ќеса за системот чинела 100 евра, па затоа не се употребувал.

Додека Васев објаснуваше дека како неуспех го чувствува тоа што не успеал да формира стручен колегиум што ќе одлучува кому ќе се даде биолошка терапија, екс организацискиот директор Нехат Нухи пред пратениците сведочеше дека бил клеветен и не препродавал лекови.

До крајот на неделава освен актуелни раководители на Онкологија, повторно да сведочат ќе бидат повикани Васев и Филипче, а и актуелниот Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Потоа се очекува Анкетната комисија да изготви заклучоци и да утврди дали за скандалот „Онкологија“ има политичка одговорност, се вели во прилогот на Канал 5.