Европската Унија изразува сериозна загриженост поради продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа и се приклучува на повиците за итни паузи во непријателствата и воспоставување хуманитарни коридори, вклучително и преку зголемување на капацитетот на граничните премини и воспоставување на поморска рута за да може хуманитарната помош безбедно да стигне до цивилното население во Појасот, порача високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел.
– Во согласност со заклучоците на Европскиот совет од 26 октомври, ЕУ повторно го нагласува правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. ЕУ повикува на континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и помош за да стигне до оние на кои им е потребна преку сите неопходни мерки, вклучително и хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни потреби. Во таа насока, ги поздравуваме резултатите од хуманитарната конференција на 9 ноември одржана во Париз, наведува Борел во писмена изјава.
Борел нагласува дека ЕУ го повторува својот повик до Хамас за итно и безусловно ослободување на сите заложници, посочувајќи дека од клучно значење е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да добие пристап до киднапираните.
– ЕУ ја осудува употребата на болниците и цивилите како жив штит од страна на Хамас. На цивилите мора да им се дозволи да ја напуштат борбената зона. Овие непријателства сериозно ги погодуваат болниците и земаат ужасни жртви меѓу цивилите и медицинскиот персонал. ЕУ нагласува дека меѓународното хуманитарно право пропишува дека болниците, медицинските материјали и цивилите во болниците мора да бидат заштитени. Болниците, исто така, мора веднаш да бидат снабдени со најитните медицински материјали и пациентите на кои им е потребна итна медицинска помош треба безбедно да се евакуираат, додава Борел во изјавата.
Тој посолува дека во тој контекст, ЕУ го повикува Израел да покаже максимална воздржаност за да обезбеди заштита на цивилите.
– ЕУ и нејзините земји членки ќе продолжат тесно да соработуваат со меѓународните партнери, ОН и другите агенции, како и со земјите во регионот за да обезбедат постојан проток на помош и да го олеснат пристапот до храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште, потенцира Борел во изјавата.
Фото: Архива